ЗНМ и ССНМ доставија конкретни забелешки за Предлогот за измена и дополнување на Кривичниот Законик

Датум

По претходно спроведени заеднички активности и разговори, како и по барање на Министерството за Правда во текот на март 2021 година Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) споделија мислење со конкретни забелешки за Предлогот за измена и дополнување на Кривичниот Законик.

ЗНМ и ССНМ го поздравуваат зголемувањето на казните за прекршителите како и на тоа дека новинарите и другите медиумски работници се ставаат во групата на лица заедно со другите професии кои се изложени на напади и закани поради природата на нивната работа.

Сепак, двете организации се согласни дека решението не е целисходно бидејќи едно од најважните барања кое се однесува на обезбедување на системска заштита на безбедноста на медиумските работници не е дел од овој предлог. Главното наше барање е нападите врз новинарите и медиумските работници да се гонат по службена должност, а не по приватна тужба, како што стои во членот 14 од предлог измените кој се однесува на членот 144 од КЗ.

Предлагаме да се измени член 14, став 6 од измените и да има исклучок кој ќе важи за новинарите дека при повреда на овој член Основното јавно обвинителство ќе гони по службена должност. ,,Ова е особено важно зотоа што од досегашната пракса новинарите ретко се решаваат да тужат при физички напад или при закана по нивниот живот и тоа од повеќе фактори како што се на пример трошоците за постапката, страв од одмазда, немањето правна поддршка и слично. Затоа сметаме дека како системско решение од исклучителна важност е ОЈО да гони по службена должност во околности кога се прекршува член 144, а оштетениот е новинар или медиумски работник кој професионално си ја вршел својата работа.” потенцираат од ЗНМ и ССНМ.

Втората забелешка се однесува на неземањето во предвид на член 394-г од КЗ. Овој член се однесува на делото „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.

Во овој дел сметаме дека повторно ОЈО но и Министерството за внатрешни работи (преку измена на Законот за кривична постапка) треба да има надлежност да постапуваат по службена должност во случаи кога има експлицитни закани преку социјални мрежи кон новинари или медиумски работници, а поради нивното професионално вршење на дејноста.

„Во услови кога бележиме сериозен зголемен тренд на напади и закани кон новинари и медиумски работници преку социјални мрежи, но и други форми комуникација сметаме дека е од исклучителна важност и овој член да биде изменет во слична насока како и членот 144 кој се однесува на загрозување на сигурноста,” истакнуваат од ЗНМ и ССНМ.  Покрај забелешките, Здружението на новинарите на Македонија минатиот месец достави до Министерството за правда компаративна анализа на тема „Подобрување на безбедноста на новинарите преку измена на кривичниот законик“ која посебно во делот на препораките соддржи и други сугестии за подобрување на овој закон, а во насока на намалување на неказнивоста на нападите врз новинарите и медиумските работници.

На оваа тема кон крајот на 2020 и почетокот на 2021 година Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реализираше два вебинари на темата: „Изменување и дополнување на Кривичниот законик: Решенија за зајакнување на безбедноста на новинарите“. Овие вебинари беа реализирани во рамките на заедничката акција на ЕУ  и Советот на Европа „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија (ЈУФРЕКС)“.

Останати
објави

Сподели на...