Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) се противат на усвоените измени и дополнувања на Изборниот законик, донесени како резултат на политички договор помеѓу власта и опозицијата.
Овие измени, донесени на нетранспарентен начин, со партиски консензус и зад затворени врати, директно ја загрозуваат работата на медиумите во време на предизборна кампања и се во спротивност со претходните укажувања и ставови на еснафските здруженија.
Ставот на ЗНМ, ССНМ и СЕММ што им беше познат на партиите е да се укине платеното политичкото рекламирање за време на изборни кампањи во приватните медиуми, а измените во Изборниот законик не само што го озаконуваат истото, туку и овозможуваат тоа да биде направено со јавни пари од граѓаните.
Уште поголем апсурд е што измените и дополнувањата во Изборниот законик ѝ даваат овластување на Државната изборна комисија, на чија што „ефикасност“ бевме сведоци во сите изборни циклуси, да ги регистрира онлајн медиумите кои што ќе известуваат за изборите како и да ја мониторира и оценува нивната работа. Потсетуваме дека нема европска пракса за следење на начинот на известување на онлајн медиумите и дека со овој пристап се нарушува концептот на медиумската саморегулација.
Освен ова, измените предвидуваат казни за традиционалните и онлајн медиумите во висина од 4.000 евра, за неизбалансирано и непристрасно известување според член 181а од Изборниот законик. Прашуваме кои се тие стручни луѓе во ДИК и на каков начин ќе ја мерат неизбалансираноста и непристрасноста на известувањето на онлајн медиумите?
Потсетуваме дека Агенцијата за медиуми од ваквата обврска се откажа токму поради немањето на методологија, ниту европска пракса на некоја државна институција да се бави со (не)етичко известување. Последен обид на власта и опозицијата да се занимаваат со професионалноста на медиумите за време на избори беше и ад-хок телото, кое се покажа како сосема неуспешно решение.
Како посебно проблематична измена на Изборниот законик ЗНМ, ССНМ и СЕММ го сметаат и членот 3 став 11, со кој на учесниците во изборниот процес им се наложува да достават медиа планови за политичко рекламирање кое потоа ќе биде платено од Буџетот на РМ на приватните медиуми. Ова претставува упад во независноста на уредувачката политика и програмските содржини на медиумите во време на предизборна кампања, бидејќи им се наметнува програмска шема од страна на политичките партии.
Овие штетни измени во Изборниот законик не се во прилог на блокираните медиумски реформи и без дилема тие негативно ќе се одразат и во работата на медиумите и на севкупниот демократски амбиент во време на предизборна кампања.
ЗНМ, ССНМ и СЕММ за овие недемократски законски мерки ќе ги известат и мисиите на странските претставништва кои се грижат за слободата на изразување и независноста на медиумите во Македонија.