Самостојниот синдикат на новинари и медумски работници уште еднаш апелира до институциите да овозможат услови за безбедно информирање во време на коронавирус пандемијата.
Денеска до ССНМ реагираа повеќе наши членови за начинот на кој беше организиран настан по повод Светскиот ден на наставниците.
Настанот кој што се одржа на градскиот плоштад беше отворен со инсталација со „училишни ранци“ на столчиња кои симболично претставуваа признание и благодарност за наставниците. Со образложение дека тоа е инсталација, на медиумските работници не им беше дозволено да седат на тие столчиња. Поради тоа, новинарите и снимателите стоеја еден до друг, без никаква можност за потребната дистанца според здравствените протоколи за заштита од коронавирусот.
Потенцираме дека ова не е прв ваков случај, напротив, речиси секојдневно министерствата, но и некои локални самоуправи организираат прес-конференции или изјави, на кои иако се на отворено не се запазени мерките за заштита од коронавирусот, па новинарите и медиумските работници се ставени во неадекватни услови да ги извршуваат своите работни задачи.
ССНМ бара од носителите на власта да покажат чувство на одговорност и да не ги доведуваат во опасност медиумските работници.
Апелираме до колегите, без оглед на претпоставениот јавен интерес, во иднина да ги напуштат прес-конференциите и сличните настани, ако проценат дека не се испочитувани здравствените протоколи, а по укажувањето организаторот не ги обезбеди потребните услови за заштита на здравјето.
Истовремено ги повикуваме медиумските работници максимално да ги почитуваат правилата и протоколите за заштита од коронавирусот додека ги извршуваат своите работни задачи.