Меѓународната федерација на новинари го осудува отпуштањето на медиумски работници од Алфа ТВ

Датум

Своеволните отпуштања од медиумите, особено оние кои се резултат на борбата на новинарите и медиумските работници за подобри услови за работа, водат кон автоцензура, пониски професионални стандарди и ја ограничуваат слободата на медиумите, пишува во писмото за поддршка кое Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници го доби од Меѓународната федерација на новинари (МФЈ), на која што е полноправен член.

Ова писмо за поддршка беше добиено откако ССНМ реагираше и остро ги осуди отпуштањата на шест медиумските работници од Алфа ТВ минатата недела. Отпуштањата следуваа само неколку недели по синдикалните активности во оваа телевизија, односно протести поради неисплатени плати. ССНМ овие отпуштања ги оцени како незаконски, особено затоа што еден од отпуштените е и синдикален претставник кој според законот за работни односи е заштитен токму поради вакви причини.

„МФЈ изразува солидарност со вработените во Алфа ТВ кои протестираа поради тоа што два месеци беа оставени без плата, како и со оние кои беа отпуштени поради таквите активности. Силно го осудуваме отпуштањето на синдикалниот претставник и ги охрабруваме надлежните институции да интервенираат и да го сопрат ваквото незаконско и своеволно постапување“, пишува во писмото.

Понатаму во писмото се додава дека бркањето од работа на вработен поради учество во синдикални активности автоматски е нефер и затоа законската регулатива предвидува посилна заштита за синдикалните претставници.

„Ова е европска норма и нејзината злоупотреба е прекршување на основните демократски права и стандарди. Силно ја поддржуваме нашата членка од Македонија, ССНМ во борбата за работничките права во медиумите и подобрувањето на условите за работа“, пишува во писмото.

Останати
објави

Сподели на...