Деновиве во собранието циркулира проблематичен предлог за измена на медиумските закони преку кој се брише активната забрана за владино рекламирање во приватните медиуми и истовремено се предвидуваат огромни суми за радиодифузерите од буџетот на граѓаните и тоа не само на централно, туку и на локално ниво.
За разлика од владејачките политички партии, ставот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), , Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ), повеќе години наназад е принципиелен кога станува збор за платени кампањи со средства од граѓаните во приватните медиуми.
Укажуваме дека не смее да се повтори враќањето на државните пари во приватните медиуми, бидејќи веќе е докажано дека оваа практика катастрофално ќе се одрази, како врз новинарството, така и врз медиумскиот пазар. Со повторувањето на оваа грешка, Македонија се враќа десетина години наназад кога на сличен начин медиумите директно се поткупуваа и се нарушуваше уредувачката и новинарската независност. Предупредуваме дека со вакви решенија ќе се нанесе директна, трајна и непоправлива штета на целиот медиумски сектор. Затоа, потребно е забраната за рекламирање во медиумите да остане законска обврска и таа да се почитува од сите единици на централната, локалната власт, како и од јавните претпријатија.
Aнонимниот предлог за измена и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) кој моментално е даден на разгледување на пратеничките групи е изработен во дискреција од политичките партии без спроведени консултации и вклученост на релевантни еснафски, новинарски и медиумски организации и без никаква јавна дебата. Обидот за протуркување и наметнување на вакви лоши закони на не транспарентен и неинклузивен начин говори дека Владата и политичките партии немаат искрени намери да креираат решенија со кои ќе се гарантира независноста на медиумите и слободата на изразување.