Претседателите на синдикатите на новинари на Македонија, Црна Гора и Хрватска испратија писмо на поддршка до претседателката на Синдикатот на Србија Драгана Чабаркапа по принудното иселување на СИНОС од просториите во Здружението на новинарите на Србија – УНС.
Истовремено е испратено и писмо реакција до претседателката на УНС Љиљана Смајловиќ во кое се вели дека таквиот чин испраќа лоша порака и дека освен што е нанесена штета на СИНОС, штета ќе трпи и угледот на УНС бидејќи иселувањето на организација која од своето основање е во Новинарскиот дом во Белград покажува дека УНС не ги поддржува колегите кои се во неволја и чија организација е уништена по приватизацијата на медиумите во Србија.
„Имајќи ги предвид концепциските и личните несогласувања кои УНС ги има со СИНОС и неговите претставници (и не сакајќи да навлегуваме во тој дел), потегот на УНС го сметаме за радикален, несолидарен и спротивен на она што би требало да претставува една организација која на било кој начин се занимава со заштита на вработените во медиумите. Демонстрација на сила, особено помеѓу колегите, никогаш не е добра и поради тоа колегијално Ве повикуваме уште еднаш да ја разгледате Вашата одлука, а особено начинот на кој таа е реализирана и да се обидете да ја санирате штетата што е предизвикана“ се вели во заедничкото писмо од Македонија, Хрватска и Црна Гора до претседателката на УНС.
Тргнувајќи од принципиелното начело дека солидарноста со колегите е обврска за сите нас, во поддршката испратена до СИНОС се наведува:
„Во време кога е исклучително лесно да се остане без работа, кога се гасат медиуми и кога можноста за ново вработување е сведена на минимум, од организациите кои се занимаат со која било форма на заштита на вработените во медиумите се очекува солидарност и професионален однос кон сите, особено кон послабите, што синдикатите во нашите држави за жал се. Поради тоа потегот на УНС е несфатлив и ние најостро го осудуваме“.