Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Здружението на новинарите (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) го осудуваат говорот на омраза против тимот на невладината организација „Метаморфозис“ што интензивно се шири на социјалните мрежи по објавувањето на текст во порталот „Лидер“ со наслов „(ФОТО) ова се луѓето кои бришат содржини од Фејсбук во Македонија“.
Со неодговорното објавување на ваквите тенденциозни содржини, во коишто не се почитуваат елементарните правила на новинарското известување, вклучувајќи го нарушувањето на приватноста и неконтактирањето на засегнатата страна, не само што се нанесува голема штета врз угледот на вработените во оваа организација, туку се загрозува и нивната безбедност преку експлицитните повици на социјалните мрежи за јавен линч и физичка ликвидација. Истите последици ги предизвикуваат и медиумите коишто одлучија да го реобјават текстот на „Лидер“. Загрижувачки е и фактот што текстот е споделен и на профили на социјалните мрежи на политички субјекти во државата.
Сите медиуми коишто објавуваат содржини на социјалните мрежи, во исто време, се одговорни да ги бришат коментарите што содржат експлицитен говор на омраза, а истото важи и за „Лидер“.
Во исто време, го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе итна истрага преку која ќе се утврди идентитетот на лицата кои го поттикнуваа говорот на омраза преку коментари на социјалните мрежи, а потоа Основното јавно обвинителство да покрене и случај преку кој тие ќе ги бидат санкционирани во согласност со Кривичниот закон. Овие две институции потребно е да ја разберат сериозноста на неказнивоста на говорот на омраза во Република Северна Македонија, кој мора да престане со цел да се избегнат и делата од говор на омраза. Зачестената присутност на говорот на омраза ја наметнаа потребата на овој феномен да се спротивставиме на систематски и заеднички начин.
Залудни би биле сите напори на професионалната новинарска и медиумска заедница доколку нема одговор од институциите кои се надлежни да го санкционираат говорот на омраза.