По повод најавите кои се пласираат во јавност деновиве, дека вицепремиер за економски прашања во новата влада ќе биде претставник од бизнис заедницата, сакаме да го изразиме нашето силно противење на оваа идеја.
Сите влади кои ги имала независна Македонија биле на страната на бизнисот. Но, ваквата про-бизнис ориентација беше особено изразена за време на изминатите 11 години. Не случајно главната перјаница на владеењето на Никола Груевски беше искачувањето на Македонија на Дуинг Бизнис листата и тоа што таа го достигна 10-тото место во светот.
Ваквите политики, во комбинација со ниските и рамни даноци, кратењето на работничките права, уништувањето на образованието и распространетата корупција, доведоа во Македонија денес да имаме предаторски општествен систем, во кој успеваат само моќните и богатите.
Заради таквиот систем во времето на Никола Груевски Македонија станавме рекордери во Европа по сиромаштија, социјална раслоеност и смртност на работници, а стапките на економски раст беа пониски отколку за времето на претходните две влади.
Нужно е да сфатиме дека за да може Македонија конечно да тргне по вистинскиот пат на развојот, мора да има промена во економските политики, но не во насока на уште поголемо фаворизирање на бизнисот, туку во спротивна насока, во насока на градење на поинклузивно општество.
Владата и бизнис заедницата имаат различни интереси, кои понекогаш и се преклопуваат, ама во поголем дел од времето се спротивни едни на други. Заради тоа владата и бизнис заедницата се одвоени, исто како што се одвоени државата и црквата. Меѓу нив треба да постои соработка, ама таа соработка е на ниво на трипартитен дијалог канализиран преку Економско-социјалниот совет, во кој, покрај владата и бизнис секторот, се вклучени и синдикатите.
Заради сите овие причини, ние силно се противиме на идејата за именување на вицепремиер од бизнис секторот.
Повелба за солидарност на синдикатите и сите пријатели на работниците во Македонија
Потписници на Повелбата за солидарност во поддршка на оваа иницијатива:
Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС)
Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ)
Самостоен синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ)
Левичарско движење СОЛИДАРНОСТ
Движење за социјална правда ЛЕНКА
Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ)
Мултиетнички синдикат на образование (МЕСО)
Конфедерација на синдикалните организации на Македонија (КСОМ)
Независен академски синдикат (НАкС)
Младинска организација МУГРА
АГРО Синдикат
Тивкото мнозинство ГЛАСНО (Штип)
Достоинствен работник (Прилеп)