Сопствениците на медиуми да се придржуваат до препораките на Владата

Датум

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници апелира до сопствениците на медиумите во Македонија да се придржуваат до препораките на Владата и на Министерството за здравство кои се однесуваат на заштита на вработените од коронавирусот.

ССНМ апелира сопствениците на медиуми без никакви приговори да ја почитуваат препораката на владата за ослободување од работните обврски (платено отсуство) на еден родител на дете до 10 години (4-то одделение) или на постари деца со попреченост, според соодветната документација која вработениот според препораките треба да ја достави. ССНМ има информации дека во одредени медиуми на новинарите и медиумските работници кои побарале ослободување од работните обврски им било нудено да си земат денови од годишен одмор, што сметаме дека е крајно нефер однос, и крајно неодговорно во дадената ситуација.

Потсетуваме дека Министерот за здравство, Венко Филипче повеќепати потенцираше дека оваа препорака е задолжителна и за приватните компании.

Истовремено, ги повикуваме сопствениците на медиуми да им овозможат соодветни услови за работа на новинарите и медиумските работници во новонастанатата ситуација и каде што е возможно да им овозможат работа од дома, а во редакциите да овозможат соодветна дистанца помеѓу вработените од 1,5 до 2 метри како што налагаат препораките.

Потсетуваме дека здравјето на работниците треба да е приоритет на секоја компанија и одговорност на секој од нас поединечно. Истовремено, апелираме и до новинарите и медиумските работници да бидат крајно внимателни при извршувањето на своите работни обврски и да ги почитуваат препораките за заштита од коронавирусот.

 

 

Останати
објави

Сподели на...