Претставници на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и на Здружението на новинари на Македонија во среда (23.11.2022) беа примени од Претседателот на РС Македонија, Стево Пендаровски.
На средбата се зборуваше за состојбата во медиумскиот сектор во Македонија, условите за работа на новинарите и медиумските работници, како и законските регулативи кои се однесуваат на оваа област. Бришењето на активната забрана за владино рекламирање во приватните медиуми, односно измените и дополнувањето на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) кои се во собраниска процедура беа една од главните точки на средбата.
Како еснафски организации ССНМ и ЗНМ го повторија својот долгогодишен принципиелен став кога станува збор за платени кампањи со средства од граѓаните во приватните медиуми, а тоа е дека претходното слично искуство докажа дека оваа практика катастрофално ќе се одрази, како врз новинарството, така и врз медиумскиот пазар.
„Со повторувањето на оваа грешка, Македонија се враќа десетина години наназад кога на сличен начин медиумите директно се поткупуваа и се нарушуваше уредувачката и новинарската независност“, беше истакнато на средбата од страна на ССНМ и ЗНМ.
ССНМ и ЗНМ исто така потенцираа дека усвојување на вакви измени без вклучување на сите чинители во медиумскиот сектор и без јавна дебата е недемократска и нетранспарентна пракса и дека на тој начин не се креираат решенија со кои ќе се гарантира независноста на медиумите и слободата на изразување.