Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) на работен појадок во четвортокот пред министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска и директорката Државниот инспекторат за труд (ДИТ), Јована Тренчевска ја претстави состојбата со работничките права во медиумите.
На средбата се дискутираше за најчестите проблеми во врска со работничките права со кои се соочуваат новинарите и медиумските работници. Како еден од главните проблеми ССНМ укажа на недефинираниот работен статус и договори на определено време што честопати е подолго и од неколку години.
Во таа насока, министерката Шахпаска информираше дека со новиот системски закон за работни односи, за кој наскоро ќе почне јавната расправа, ќе се намали траењето на договорите на определено време кое во моментот е пет години.
На состанокот беше отворено и прашањето за правото на штрајк кое во моментот, според ССНМ, има одредени одредени ограничувања кои не се во прилог на работниците, како и проблемот со останување без здравствено осигурување подолг период поради неисплатени плати.
Претседателот на ССНМ, Павле Беловски нагласи дека само преку интензивна соработка меѓу ССНМ и институциите, може да се дојде до конкретни резултати околу подобрување на положбата на работниците во медиумите и може да се спречи злоупотреба на медиумскиот труд од страна на работодавачите.
Директорката на ДИТ, Јована Тренчевска кажа дека и во моментот и во иднина ќе се вршат контроли во сите дејност, вклучително и во медиумската дејност.
Овај состанок беше одржан во рамки на проектот „Безбедни медиумски работници за квалитетно новинарство во Северна Македонија“, финансиран од Balkan Trust for Democracy кој ССНМ го спроведува во партнерство со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Главната цел на овој проект е да се придонесе кон создавање на околина за суштинска партиципација на медиумските здруженија и синдикати како влијателни актери во општеството во поглед на напредокот на слободата на новинарите и нивната безбедност.