Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници најостро го осудува денешниот напад врз телевизиската екипа на Алсат М додека снимала во Старата чаршија во Скопје. Нападот врз две новинарки и снимателот од Алсат М додека извршувале работна задача ССНМ го смета за напад и закана врз сите новинари и медиумски работници во земјава за нивно слободно и непречено информирање на јавноста.
Дополнително, нападот не бил само вербален туку и физички при што снимателот на Алсат М се здобил и со телесни повреди што за ССНМ ова е еклатантен пример за примена на Кривичниот законик според кој напад врз новинар за време на извршување на работни задачи ќе се третира како напад врз службено лице и соодветно ќе се казни. ССНМ во тој контекст ја поздравува брзата реакција на МВР за идентификување и приведување на напаѓачот, но бара целиот случај да има и своја судска завршница и бара од надлежните институции да постапат понатаму во случајот.
ССНМ е на став дека само со брзо постапување на институциите по ваквите случаи и соодветно казнување на сторителите може да се стави крај на се позачестените, како вербални, така и физички напади врз новинарите и да се промени праксата на неказнивост на сторителите.
ССНМ освен што ги повикува институциите брзо да реагираат на ваквите напади, истовремено ги охрабрува сите колеги да пријавуваат вакви и слични случаи до надлежните институции и до новинарските организации бидејќи само така ќе може да се подобри севкупната безбедност на медиумските работници.