ССНМ ги осудува нападите врз новинарите и медиумските работници

Датум

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници уште еднаш изразува конкретна осуда за последните вербaлни напади врз новинарите, фоторепортерите и другите медиумски работници, какви што се случија во последните неколку дена. Особено е недозволено кога некој што е во медиумската индустрија си дозволува вербални и пишани напади на колеги и колешки од други медиуми, каков што беше скорешниот случај со фоторепортерката Арбнора Мемети, како и вербалниот напад и вознемирувањето по телефон од страна на свештено лице со кое се соочил новинарот на Плусинфо, Мартин Богатиноски.

Истовремено, ССНМ сака приципиелно да потенцира дека не мора секој вербален (или физички) напад врз новинари и медиумски работници да биде означен и да се толкува како напад врз слободата на говор и медиумските слободи воопшто.

Такви примери имаше и годинава. Вистина е дека е многу тенка границата да се расчисти кога еден напад може да се толкува како напад врз новинар или друг медиумски работник, но таа постои и основната проценка е дали нападот е поврзан со новинарската работа или станува збор за неповрзан настан кој е од лична природа. Затоа ССНМ ги повикува сите новинари и медиумски работници случаите на какви и да се напади врз нив веднаш да ги пријавуваат во канцеларијата на синдикатот, односно на телефонскиот број 070 843 318, по електронска пошта на ssnm.info@gmail.com или на профилите на ССНМ на социјалните мрежи.

Како и да е, секој напад мора внимателно да се истражи, а институциите задолжени за расветлување и за прекршочна или кривично правна одговорност мора да дејствуваат најажурно.

Останати
објави

Сподели на...