ССНМ: Етикетирањето на медиуми од страна на Ахмети е опасно

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници најостро реагира на изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој два медиуми – телевизиите Телма и Алфа ги нарече „непријатели на Албанците“.

Ахмети на партиската трибина во Гостивар рече: „Кому му служиме со овие поделби што се прават? Се разбира, на непријателите на Албанците, тие аплаудираат, Алфа, Телма – мелма, тоа се тие. Што добија Албанците кои беа поделени во минатото, што? Не добија ништо“.

ССНМ смета дека ваквиот говор на Ахмети е недозволив и крајно опасен за слободата на говорот и на медиумите во земјава, како и за демократскиот амбиент за кој тој декларативно се залага во изминатите дваесетина години.

ССНМ го осудува начинот на кој Ахмети очигледно се пресметува со дел од медиумите кои критички пишуваат за политиките и дејствувањето на партијата ДУИ која е дел од владеачкото мнозинство, притоа безобразно злоупотребувајќи го албанскиот народ реферирајќи го кон него наводно „непијателско“ дејствување на телевизиите Телма и Алфа.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) уште еднаш сака да потенцира и предупреди дека ваквото квалифицирање на медиумите од страна на политичарите, може да предизвика непријателско однесување кон новинарите и медиумските работници, загрозувајќи ја нивната безбедност.

Потсетуваме на слични изјави на високопозиционирани политичари во минатото кои на ист начин, како Ахмети вчера, етикетираа медими како непријателски, по што се зголемија нападите врз новинарите медиумските работнитници.

Синдикатот сака да посочи дека на новинарите секогаш приоритет во работењето им е вистината, јавниот интерес, критиката кон политиките на партиите, дејствувањето на партиските функционери, без притоа да праваат поделба по национална, верска и или родова основа.

ССНМ секогаш е на страна и во одбрана на слободата на говор и безбедноста на новинарите и уште еднаш потенцира дека е згрозен од настапот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој со етикетирање на медиуми кој може да создаде простор за говор на омраза кон медиумите и новинарите.

Исто така, ваквите изјави воопшто не придонесуваат, туку напротив се основа за разгорување на секогаш кревките етнички односи во Македонија.

Сподели:

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn