Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) најостро ги осудуваат навредите и пцостите на советникот во општина Охрид, Нефи Усеини кој денеска ги упати кон колешката, дописничка за ТВ Телма од Охрид, Емилија Мисирлиевски.
Денеска на телефонски поставени новинарски прашања за конфликт на интерес за тендерите на компанијата на неговата сопруга и одлуките на Совет на општина Охрид, кадешто тој е советник, Усеини на колешката Мисирлиевски и возврати на непристоен и крајно дрзок начин, со пцости и навреди кон новинарката.
ССНМ и ЗНМ алармираат дека ваков однос од советниците во локалната власт, кои се избрани и платени од страна на граѓаните, кон новинарите и медиумските работници е недозволив. Потсетуваме дека избраните функционери, како што впрочем се и советниците, имаат обврска за професионален однос кон новинарите и медиумските работници и да даваат отчет за својата работа.
Лична пресметка со новинарите или медиумските работници во ниту еден случај не може да биде оправдана и затоа овој однос е и директна закана за безбедноста на новинарите, целата професија, што може да води кон самоцензура. Ваквиот однос е и удар на информирањето на јавноста и загрозување на јавниот интерес.
Апелираме во иднина, претставниците на политичките партии во општините, советниците, сериозно да поработат на односот со новинарите бидејќи токму тие се главната причина за слабото рангирање на земјата на светските индекси за слобода на медиумите и безбедноста на новинарите.
Новинарските здруженија не само што нема да прифатат извинување, туку очекуваме и надлежните институциите да постапат по овој случај.