ССНМ и ЗНМ: Остра осуда за скандалозната одлука за воведување на цензура од страна на ,,Слободен печат”

Датум

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Мaкедонија (ЗНМ) остро ја осудуваат срамната постапка од страна на медиумот ,,Слободен печат” да избрише текст кој го уредил и објавил колегата новинар и уредник Жарко Настоски. 

Станува збор за текст со наслов „Владата полутајно му дозволила на милионерот Дестани да ги спои концесиите за рудник во Струмичко“, кој што беше објавен на 05.07.2023 (среда) од страна на ,,Слободен печат”, а во кој се пишува за тоа дека владата дозволила спојување на концесиите за рудниците во Иловица и Штука во Струмичко. Неколку часа по објавувањето текстот беше избришан, а линкот беше неактивен.

Ваквата срамна постапка сама по себе претставува скандал и грубо прекршување на слободата на говор и професионалното новинарство.

Новинарите се должни да објавуваат информации што содржат сомнеж за злоупотреби на сите носители на јавни функции, бидејќи на тоа ги обврзува новинарскиот Кодекс во кој јасно стои дека новинарот ќе ги почитува законите во државата, но нема да објави или сокрие ништо што е во спротивност со јавниот интерес.

Оттука сакаме да потсетиме дека цензурата во Македонија е забранета со Устав и тоа е јасно пропишано во членот 16 од Уставот на РСМ.

ССНМ и ЗНМ како еснафски организации кои ги штитат правата и интересите на новинарите и медиумските работници во земјава му даваат целосна поддршка на колегата Настоски и потенцираме дека неговата реакција на оваа цензура е пример за одбрана на новинарскиот интегритет.

ССНМ и ЗНМ со своите адвокатски тимови стојат на располагање на колегата Настоски за бесплатна правна помош.

Останати
објави

Сподели на...