ССНМ и ЗНМ: Со скратен буџет МИА не може да функционира соодветно 

Датум

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска (27.12.2022) на прес-конференција реагираа на одлуката да се укинат дописништвата на Медиумската информативна агенција (МИА) од Вашингтон, Брисел и Атина, но и на најавите за значително намалувањето на буџетот на оваа медиумска куќа со што се загрозува нејзината основна функција.

Потребно е Владата да даде итна поддршка во напорите да се изнајде решение за непречено функционирање на странските дописништва на МИА и наместо затворање на постоечките дописништва потребно е уште посилна мрежа на дописници кои ќе работат во интерес на јавноста и во придонес на медиумскиот плурализам за прашања од јавен интерес за граѓаните. Истовремено, беше истакнато дека МИА треба да биде изземена од мерките за штедење, односно да се изнајде начин да не дојде до намалување на буџетот за следната година бидејќи тоа ќе предизвика негитвни последици како за вработените новинари и медиумски работници, така и за валитетот на содржините и информациите кои произлегуваат од овој медиум.

МИА како генератор на вести и информативен сервис на граѓаните, треба да биде првиот филтер на информации за широката јавност и клучна алатка за борба против дезинформациите кои претставуваат се поголем проблем посебно во ерата на дигиталните медиуми. 

Претседателот на ССНМ, Павле Беловски рече дека „За жал и оваа година, пред нова година наместо да зборуваме за повисоки плати, нови перспективи за медиумските работници, како синдикат и медиумски партнерски здруженија ви се обраќаме јавно со реакција за прекин на работни договори и губење на егзистенцијата. Денес проблемите се во МИА, кои се предизвикани од наметнатите мерки за штедење на владата. Владата наместо да остави позитивен пример во време на криза и да ја зачува егзистенцијата и сигурноста на работните места токму спротивно удри врз единствениот медиум за кој е одговорна и го намали буџетот со кој се нарушува тековното работење. Со овој негативен пример владата прикажа негативна пракса која сега непречено може да се применува во приватниот сектор, токму онаму каде што медиумските работници се најранливи“.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски изјави: „Со намалување дописничката мрежа директно се влијае и на нарушување на професионалните стандарди на новинарите, со што се губи објективноста при информирањето, се појавува ризик од непроверени, а со тоа и неточни информации. На крајот жртви ќе бидат граѓаните и јавниот интерес, зошто единствен канал за информирање од овие земји ќе бидат странските канали затоа Владата нужно е да има разбирање за овој проблем и итно да реагира со цел да се превенира штета, затоа бараме веднаш враќање на парите потребни за нормално функционирање на МИА“.

Марина Илиевска од МИА и член на Извршниот одбор на ССНМ рече дека загрижува одлуката на менаџментот на МИА за намалување на буџетот предизвикана од владините мерки за штедење.

„Укажуваме дека новинарите и медиумските работници, во интерес на јавноста и објективното информирање треба да бидат изземени од мерките за штедење“, потенцираше Илиевска.

На прес-конференција беше истакнато и дека  согласно со правните анализи кои ги има објавено ЗНМ пред речиси две години најсоодветен начин на организација на МИА е по примерот на МРТВ, чиј основач и надлежна институција пред која полага одговорност, е Собранието. Во таа насока, потребни се законски измени со кои ќе се гарантира дека Владата нема да има влијание во изборот на менаџментот во МИА, а истовремено ќе се обезбеди модел со кој ќе се гарантира финансиската независност во работата на оваа агенција, која со моменталниот закон е владина, а треба да биде државна агенција.

Останати
објави

Сподели на...