Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници остро ги осудува заканите кон новинарите на Истражувачката репортерска лабораторија испратени во последните неколку дена. Според пријавата до ССНМ, заканите биле упатени кон новинарката на ИРЛ, Маја Јовановска веднаш по објавувањето на сторијата во која се истражувани постапките при градежните активности во населбата „Тафталиџе“ во Скопје.
Јовановска на својот телефон добила низа пораки од бизнисменот Зоран Азманов во кои тој се обидува да „изигрува уредник“ и да и дава насоки како требало да се пишува за градежните активности. Според колегите од ИРЛ, тој продолжил со заканувачки и клеветнички пораки и по реакцијата на главната и одговорна уредничка на ИРЛ Сашка Цветковска која на Азманов му посочила дека несоодветно се однесува, дека врши притисок и го упатила ако има забелешки да ги достави до новинарските здруженија.
Освен пораките од Азманов, Јовановска добивала и повици од непознат број при што и биле пуштани звуци од експлозија. ССНМ го повикува Министерството за внатрешни работи како и другите соодветни институции да ги преземат сите соодветни мерки за пронаоѓање на сопственикот на телефонскиот број, како и да го повикаат бизнисменот Азманов да објасни зошто испраќал недолични пораки, закани и клевети кон новинарката.
ССНМ смета дека безбедноста на новинарите е од исклучително значење за демократските процеси во Македонија и дека без решавање на ваквите случаи новинарите и медиумските работници нема да можат да работат слободно и професионално.
Ова е втор случај оваа година на новинар на ИРЛ да добива закани. Претходно во јуни 2019 година, новинарот Давид Илиевски исто така телефонски добиваше закани по живот за објавена истражувачка сторија.