ССНМ потписник на повелбата на ЕФН за условите за работа на новинарите

Датум

Повелбата на Европската федерација на новинари (ЕФН) за условите за работа на новинарите е упатство за работните услови, потпишана на 12 февруари во Белград од 14 новинарски организации членки на ЕФН од земјите од западен Балкан и Турција меѓу кои е и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Повелбата е отворена за потпишување за сите новинарски организации, приватни или јавни медиумски компании или власти кои имаат волја да се обврзат кон подобрување на условите за работа и да ги засилат работничките права на новинарите и медиумските работници во Европа, да се борат против цензура и да промовираат слободен пристап до информации и извори.

Повелбата се состои од 10 членови кои се однесуваат на главните принципи кои влијаат на односите помеѓу новинарите, нивните работодавачи и јавното мислење како краен корисник на нивната работа. Таа исто така ги формулира и главните вредности кои приватните организации или јавните власти – вклучувајќи ги институциите на Европската Унија (ЕУ) – треба да ги почитуваат кога комуницираат со новинарите.

Идејата за Повелбата беше иницирана во 2018 година во рамките на проектот финансиран од УНЕСКО и ЕУ со наслов „Градење доверба во медиумите во Југо-источна Европа и во Турција“ кој има за цел зајакнување на слободата на изразување, пристапот до информации, слободни, независни и плурални медиуми, осигурувајќи дека новинарите и медиумите се клучни чинители за демократски, оддржлив и мирен развој на регионот.

Повелбата ќе биде испратено до Европската Комисија во Брисел во 2019 година и до Советот на Европа во Стразбур исто така во 2019 година, со цел да стане „бенчмарк“ за условите за работа за новинарите при оценката од страна на овие институции за слободата на медиумите во земјите членки и земјите кандидатки за членство, и дека ќе придонесе за зголемување на довербата помеѓу професионалните новинари и јавното мислење низ цела Европа.

ЧЛЕН 1

СЛОБОДА НА ЗДРУЖУВАЊЕ
Секој новинар или медиумски работник има право на слободно мирно собирање и слободно здружување со други, вклучувајќи го и правото на формирање и зачленување во синдикати или професионални здруженија за заштита на нејзините/нејзиниот интереси (како што е предивдено со членот 11 од Европската конвенција за човекови права). Извештај за признавањето на компанијата на правото на слободно здружување и активностите преземени од компанијата во согласност со нејзините правни обврски е претпоставена обврска на потписникот на Повелбата. Новинарите имаат право да се организираат во репрезентативни органи, како што се работнички комисии и редакциски совети, да дискутираат за работнички и уредувачки прашања со раководството на компанијата и да имаат пристап до документи и информации кои се корисни за подобрување на работничките услови во редакциите.

ЧЛЕН 2

ПРАВО НА ПИШАН ДОГОВОР
Секој новинар или медиумски работник има право да добие пишан договор според стандардите на Меѓународната организација на трудот, специфично укажувајќи на:

  • Капацитетот во кој новинарот ќе биде вработен во медиумската организација
  • Исплатата, методот на пресметка и периодот на исплати
  • Нормални работни часови и дневни или неделни периоди за одмор
  • Должината на платен годишен одмор и слободни денови
  • Членови за авторски права, храна и сместување, ако е применливо
  • Услови поврзани со прекин на вработувањето, вклучувајќи го и периодот за известување било на работникот или на      работодавачот
  • Да бидат предвидени здравствени, безбедносни и социјални привилегии за новинарите

Новинарите имаат право да бидат третирани како фер партнери кога преговараат за условите со своите работодавачи.

ЧЛЕН 3

ПРАВО НА КОЛЕКТИВНО ПРЕГОВАРАЊЕ
Секој новинар или медиумски работник има право слободно да преговара со работодавачите, уживањето на ова право е основен елемент на слободата на здружување. Колективното преговарање е доброволен процес низ кој работодавачите и работниците дискутираат и преговараат за нивните односи, особено за условите за работа.

ЧЛЕН 4

НЕДИСКРИМИНАЦИЈА ПРИ ВРАБОТУВАЊЕ
Секој новинар или медиумски работник на своето работно место не смее да биде подложен на дискриминација базирана на пол, религија, националност, раса, боја или сексуална ориентација. Новинарите, работодавачите и синдикатите треба да бидат особено чувствителни на потенцијална дискриминација или малтретирање на индивидуи поради нивната припадност, нивните психички или културни ознаки или облека, нивната перципција или нивното здружување. Следејќи го принципот на еднаква плата за еднаква работа, поединците на иста работа позиција треба да добиваат еднаква плата (исплати и привилегии, вклучувајќи ја и основната плата, награди, бонуси и аванси). Членовите на синдикатот не смеат да бидат дискриминирани поради нивниот активизам.

Афирмативни акции (познати како „позитивна дискриминација“) може да бидат користени за подобрување на образованието и вработувањето на членови на групи за кои е познат дека претходно биле подложени на дискриминација.

ЧЛЕН 5

ПРАВО НА ОДМОР И ИСКЛУЧУВАЊЕ
Секој новинар или медиумски работник има право на одмор и слободно време, вклучувајќи разумно ограничување на работното време и повремени платени одмори. Новинарот има право на исклучување од професионалните обврски (електронска пошта, интернет, социјални мрежи…) по договореното работно време.

ЧЛЕН 6

ПРАВО НА ЗАШТИТА НА НОВИНАРСКИТЕ ИЗВОРИ
Секој новинар или медиумски работник не може да биде присилен да го открие идентитеот на анонимниот извор користен за текст, освен ако тој/таа е ослободен од оваа обврска според специјална наредба или изјава од личноста која има корист тајната да остане неоткриена. Ова ја вклучува и заштитата на професионалниот однос со „свиркач“, заштитата на податоци или кој било документ кој би ја ставил во опасност личноста која работи со новинарот за да биде откриено незаконско дело. Новинарот има обврска да го заштити нејзините/неговите извори и може да го открие идентитетот само ако се докаже дека изворите лажеле или манипулирале.

ЧЛЕН 7

ПРАВО НА НЕПОТПИШУВАЊЕ ОДРЕДЕНА СОДРЖИНА
Секој новинар или медиумски работник има право да одбие уредничка наредба да потпише одредена содржина доколку настанале сериозни промени без дозвола на авторот. Новинарот или медиумскиот работник не може да биде одговорен пред судот кога содржината која ја напишал била сериозно изменета од неговиот работодавач. Новинарот или медиумскиот работник не смее да биде отпуштен или неговиот договор да биде прекинат или да биде ставен во полоша позиција кога тој/таа го користи ова право.

ЧЛЕН 8

БЕЗБЕДНОСТ И ЗАШТИТА
Секој новинар или медиумски работник има право на пристап до тренинг или подигање на совеста за опасностите при известување од непријателски или опасни зони, вклучувајќи насочена поддршка за жени, да учествува на обуки за прва помош платени од работодавачот и да побара од работодавачот да ги мониторира и да се бори со формите на онлајн малтретирање и да има алатки за пријавување на различните форми на насилство, закани и малтретирање на работа, особено против сексуално вознемирување. Новинарите имаа право да не се воздржуваат да  изразат или да подржат мислење или да извршуваат професионални обврски спротивни на нивната совест, ниту да бидат предмет на дисциплински мерки доколку при одбивање на вакви обврски. При сериозни измени на упатствата или на природата на медиумската организација новинарите исто така имаат право да го прекинат работниот однос со оправдана причина, притоа имаат право на соодветен надомест, во согласност со соодветната легислатива за работните односи.

ЧЛЕН 9

ДОБРО ВЛАДЕЕЊЕ И ЕТИЧКИ СТАНДАРДИ
Секој новинар или медиумски работник се обврзува да се придржува до мисијата на компанијата, да го почитува кодексот на однесување и етичките стандарди кои се однесуваат на новинарите, на целиот персонал и уредниците, да ги прифати управувачките правила (транспарентност, заштита на независноста на уредувачката политика), да соработува со надворешни регулатори (совет за етика, и др.) и да промовира интегритет преку соработка помежу колегите.

ЧЛЕН 10

ПРИСТОЈНИ УСЛОВИ ЗА РАБОТА
Секој новинар или медиумски работник има право да бара пристојни услови за работа за да ги изврши своите професионални обврски. Овие услови се дел од обврските на неговиот работодавач кој мора постојано да ги применува сите правни обврски кои се поврзани со работниците.

Останати
објави

Сподели на...