Тажна вест: Почина нашиот колега и синдикалец Сашо Михајловски – Сале

Датум

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) со длабоко и искрено жалење информира дека ноќеска ненадејно почина нашиот синдикален лидер во телевизија Алфа, Сашо Михајловски – Сале роден 1970 година.

Загубивме голем другар, борец, синдикалец и пред се човек кого колегите неизмерно го почитуваа, на кого му ја доверија борбата за нивните права како вработени во Алфа ТВ, а која тој без трошка штедење и со многу саможртва ја исполнуваше.

Сале беше професионалец во својата работа, омилен колега меѓу вработените, а пред се беше човек подготвен да им помогне на другите.

Изминативе четири години тој ни беше пример на сите како се води синдикална организација и како се водат и добиваат битки за работничките права.

Како личност беше тивок и мирен, но упорен и истраен и некој кој не трпеше неправди. И тоа му беше главната водилка во синдикалната борба. Велеше: „Лесно е да се откажеш, но не се откажувам, ќе одам до крај, бидејќи сме во право”. И така постапуваше, никогаш не се откажа од борбата.

Последната битка му беше организирање штрајк поради неисплатената септемвриска плата на вработените во телевизијата, но и судската тужба до менаџментот на телевизија Алфа за неоснована дисциплинска постапка, преиначена во опомена, откако во изминатите два месеци против него менаџменотот имаше поднесено уште две други дисциплински постапки кои паднаа на комисиско ниво уште во самата телевизија.

Силниот притисок под кој се наоѓаше од страна на менаџментот на телевизијата како синдикален лидер Михајловски го споделуваше со колегите во телевизијата, со нас во ССНМ, но велеше ќе се изборам.

И се избори многу пати, тоа најдобро го знаат колегите од Алфа ТВ кои со него загубија вистински синдикален лидер и свој заштитиник. Тоа најдобро го знае ССНМ кој загуби голем синдикалец и свој потенцијален претседател.

Но, Сале не се избори со најважната битка, битката за животот. Почивај во мир драг човеку. Остави зад себе трага која ќе ја паметиме и залог дека битката никогаш не смее да запре.

ССНМ изразува длабоко сочуство до семејството на Сашо Михајловски за нивната загуба.

Останати
објави

Сподели на...