Самостојниот Синдикат на новинарите и медиумските работници денеска поднесе пријава до Државниот трудов инспекторат заради кршењето на Законот за работни односи од страна на Македонската Радио Телевизија која огласува можност за ангажирање на хонорарни соработници иако станува збор за незаконска форма на вработување.
Во ситуација во која на другите медиуми не им се дозволува да имаат хонорарни соработници, како што е тоа на пример случај со сите медиуми во Битола, каде трудовата инспекција доследно се држи до словото на Законот и казнува медиуми доколку имаат хонорарци, конкурсот на МРТВ е директен доказ за двојните стандарди на институциите во државава и нивно селективно делување.
ССНМ испрати и отворено писмо до министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски со став дека ваквиот потег на МРТВ заслужува итна интервенција на институциите и поради фактот што станува збор за јавен сервис чиј што патрон е законодавниот дом, поради што тој не смее да поттикнува незаконие, извртување на позитивните прописи, но и нелојална конкуренција во медиумската индустрија.
Во писмото се вели дека на неколкуте средби помеѓу претсавници на ССНМ и министерот Ристовски на почетокот на годинава заеднички е констатирано дека еден од приоритетните проблеми во медиумската индустрија што резултира со неслободни и непрофесионални медиуми е појавата на нетипичните вработувања .
„Се согласивме и дека со таканаречените хонорарни вработувања се крши Законот за работни односи кој не познава таков вид работен однос. Станува збор за вработувања „ на црно“ кои потоа се покриваат со договори за дело или авторски ангажмани кои не се применливи за постојано ангажираните работници .
Хонорарниот статус претставува директна експлоатација на работникот на кого не му се плаќаат ниту здравствено ниту социјално осигурување, кој нема елементарна сигурност за своето работно место од кое може да биде отстранет без каква и да е процедура. Ваквата положба на хонорарните соработници е извор на економска зависност која потоа продуцира неслободно и непрофесионално новинарство.
Затоа, господин Министер, очекуваме Ваша лична заложба за испраќање на трудовата инспекција во МРТВ и не само запирање на тековниот конкурс туку и санкционирање на нелегалните ангажмани во таа и во сите други медиумски куќи со што не само на работниците туку и на работодавачите ќе им го одземете аргументот дека државата произволно и селективно казнува едни и наградува други медиуми и наместо да спречува самата поттикнува корупција.
ССНМ ја повторува својата подготвеност за средба во истиот момент кога Министерството ќе биде подготвено за сериозен дијалог за имплементација на решенијата за кои веќе еднаш се согласивме“ се вели во писмото на ССНМ до министерот Ристовски.