Повик до СИТЕ !
За слобода на Томислав Кежаровски-Кежо, за сите нас.
Дојдете во вторник пред Апелационен суд, во 12 часот
ССНМ ги повикува СИТЕ : новинари, медиумски работници, студенти, професори, вработени и невработени, стечајци, пензионери, синдикалци, хонорарци, „предавници“ и патриоти, „соросоди“, лгбт активисти, определени и неопределени, политичари, партии, членови на партии, симпатизери…СИТЕ!
Земете го вашето срце и чесни намери и дадете ја вашата поддршка на отворена сцена-пред Судот и пред Владата.
Не се плашете од етикети и заокружувања , ние сме сите на истата страна, и дојдете за заедно да и кажеме НЕ на неправдата.
Кежо е експресно фрлен во црна темница како најголем непријател на македонскиот народ, а всушност е чесен новинар кој ви ја кажа вистината-дека тајната полиција мести судски процеси, сведоци и затвора невини луѓе, како што е и самиот тој. Кежо е уапсен за текст напишан пред пет години, а два месеца откако истражуваше за смртта на новинарот Никола Младенов.
Дојдете да реагираме на злото и неправдата кон нашиот колега, да генерираме јасни видици-да ги менуваме работите, а тоа не е лесна задача, не е задача само за малкумина, не е задача само за нас – новинарите.
Ако новинарите не ја кажуваат вистината, како граѓанството ќе го распознава доброто од злото ? Како ќе ги контролираме и држиме на око оние кои ги гласаме и од кои очекуваме да не штитат и да ни овозможат подобар живот, а всушност си овозоможуваат комоција само на себе и ништат се што може да ги загрози ? Како нашето општество ќе расте и ќе чекори напред ?
Ова не е новинарска поезија, Кежо е веќе во затворот во Шуто Оризари.
Слободата не е аспрактна идеја, слободата е СЕГА ! Апелационен Суд, вторник, 12 часот.