Хонорарци, не плаќајте!

Повелбата за солидарност на синдикатите и здруженијата за заштита на работничките права ги повикуваат хонорарните работници на граѓанска непослушност во однос на плаќањето придонеси за хонорарите и да се придружат на протестот на Први мај, заедно со останатите социјално загрозени граѓани на Република Македонија.
Се решивме на ваков чекор, бидејќи власта, наспроти сите укажувања, и од наша страна и од целата јавност, дека воведувањето придонеси за хонорарите ќе создаде голем административен товар кој таа нема капацитет да го менаџира – одби да ги стави во мирување законските обврски со кои се воведува плаќање придонеси за хонорарите. Наспроти тоа, таа и во февруари и во март оваа година правеше дополнителни измени во законите со кои само ја зголеми правната несигурност и создаде дополнителен хаос во администрацијата и несигурност кај хонорарните работници околу тоа кои се нивните обврски и низ кои сѐ административни лавиринти мора да поминат за да си ги исполнат своите обврски кон државата.
Лицата кои се оневозможени да бидат вработени во редовен работен однос и кои се принудени да работат за хонорар се една од најзагрозените категории работници, кои се лишени од многу права што, по закон, им следуваат на лицата во редовен работен однос. Меѓу другото, во најголем број случаи, нивниот месечен хонорар е понизок од месечната плата на многу работници. При таква ситуација, воведувањето обврска за нив да плаќаат придонеси за хонорарите во голема мера значи нивно опасно приближување до работ на сиромаштија.
Во воведувањето обврска за плаќање придонеси за хонорарите гледаме и опасност во иднина голем дел од работната сила во Македонија да биде хонораризирана. И на таков начин, уште повеќе да им се намалат и кршат правата на работниците. Поради тоа, решително застануваме против законските решенија во оној облик каков што го имаат сега и ја повикуваме власта да ги повлече законските измени со кои воведе плаќање придонеси за хонорарите и да овозможи јавна и отворена дебата од која ќе произлезат најповолните решенија од гледна точка на социјалната сигурност на хонорарните работници.

Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници
Конфедерација на синдикални организации на Македонија
Синдикат на УПОЗ
Синдикат на македонската дипломатска служба
Синдикат на културата на РМ
Движење за социјална правда „Ленка“
Левичарско движење „Солидарност“

Сподели:

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn