Меѓународната федерација на новинари (МФН) ги повикува младите новинари да дизајнираат или направат кратко видео, постер, леток, објава на социјални мрежи или други креативни и иновативни алатки со цел да ги убедат младите работници, нивни колеги – зошто треба да се приклучат на синдикатот на новинарите. Победникот на конкурсот ќе добие 500 евра, како и признание дека бил победник на меѓународен натпревар.
Апликацијата може да се биде фокусирана на генерална тема поврзана со прашањето зошто синдикатите се корисни за младите работници, но може да се фокусира и на специфична тема: плата, договори за работа, родова еднаквост, обуки, слобода на медиуми, безбедност или кое било друго прашање од областа на медиумите или работничките права. Изборот е ваш!
Апликацијата може да биде составена од еден елемент или од кратка серија/портфолио. Во рамките на апликациите треба да биде испратено и писмо (максимум 500 зборови) во кое ќе биде објаснета инспирацијата/концептот кој стои зад изработката и зошто прашањето кое се обработува е важно за авторот.
Конкурсот е отворен за новинари и медиумски работници и студенти по новинарство и комуникации на возраст до 35 години од Србија, Македонија и Црна Гора.
Апликациите може да бидат на англиски или на националниот јазик.
Рокот за пријавување е среда, 25 септември 2024, до 12 часот по средноевропско време. На конкурсот може да се пријават повеќе апликации.
Делото кое ќе победи ќе биде искористено од Меѓународната федерација на новинари и синдикатите од земјите од Западен Балкан во рамките на кампањата на МФН за подигање на свесноста кај младите работници и студентите за работничките права и за зголемување на членството. Притоа, ќе биде користено единствено во врска со кампањата на МФН и на синдикатите од регионот, како што се материјали за кампањата, на социјалните мрежи или на веб-страниците.
Апликациите испратете ги на nisrine.salameh@ifj.org и Jeremy.dear@ifj.org.
Апликацијата треба да содржи име и презиме, контакт и организација/медиум/универзитет од каде што доаѓа авторот.
Овој конкурс го организира Меѓународната федерација на новинари во партнерство со Синдикатот на новинари на Србија (СИНОС), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ, Македонија) и Синдикатот на медиуми на Црна Гора (СМЦГ), а е поддржан од Union to Union (Шведска).