Меѓународната федерација на новинари (МФН) ја осуди пресудата на Основниот Суд Скопје против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и главната уредничка Сашка Цветковска во случајот за клевета кон бизнисменот Кочо Анѓушев, објавена на 24 октомври 2023 година.
Цветковска и ИРЛ на 21 мај 2021 година објавија сторија со наслов „Заговор против воздухот“ во која беше споменат и поранешниот заменик премиер Кочо Анѓушев. Тој поведе постапка во која пред судот тврдеше дека сторијата претставува навреда и клевета против него.
За времетраење на процесот, членките на МФН, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) аргументираа дека новинарите не смеат да бидат третирани како јавно зло, затоа што тие вршат работа од јавен интерес. ЗНМ и ССНМ сметаат дека акцијата против Цветковска претставува СЛАП (стратешка тужба против јавно учество) – односно легално малтретирање на новинари со намера да бидат спречени да си ја извршуваат својата работа.
Оваа пресуда претставува неуспех на судијата да го стави јавниот интерес, интересот на граѓаните над приватниот интерес на моќен бизнисмен.
„Новинарството е јавно добро и работа на секој новинар е да ги открива системските грешки. Одлуката на судот против ИРЛ е класичен пример на занемарување на јавниот интерес. Жалиме што судот ја прифати оваа класична СЛАП тужба која беше покрената токму за заплшување и демотивирање на новинарите“, рече Претседателот на ССНМ, Павле Беловски.
„Задачата на новинарите е да откриваат малверзации, корупција и некомпетентност. За жал, оние чиишто активности се разоткриени го злоупотребуваат правниот систем за малтретирање и замолчување на нивните критичари. Случајот со Истражувачката репортерска лабораторија и нејзиниот главен уредник Сашка Цветковска е пример токму за ова“, вели заменикот генерален секретар на МФН, Тим Доусон.
Оваа судска одлука влегува во растечкиот глобален број на случаи каде што слободата на изразување е замолчена од неоправдано правно заплашување и финансиско исцрпување на новинарите.
извори на слики
- Фотографија од сторијата „Заговор против воздухот“: Истражувачка репортерска лабораторија