Кој го нарача убиството на Ана Политковскаја, Џамал Кашоги, Аршад Шариф, Хавиер Валдез, Мартинез Зого и сите други новинари чии убиства останаа неказнети?
По повод одбележувањето на Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста за злосторствата извршени врз новинари – 2-ри ноември, Меѓународната федерација на новинари (МФН) ги повикува владите ширум светот да ги осудат, истражат и уапсат оние што убиваат, вознемируваат и заплашуваат новинари. Владите исто така треба да донесат јасна и применлива легислатива за заштита на безбедноста на новинарите.
Од усвојувањето на Акцискиот план на Обединетите нации (ОН) за безбедноста на новинарите и прашањето за неказнивост во 2012 година, кој имаше за цел да создаде „слободна и безбедна средина за новинарите и медиумските работници“, усвоени се над 26 резолуции од страна на Генералното собрание на ОН, Генералната конференција на УНЕСКО и Советот за човекови права да го привлечат вниманието кон зголемувањето на насилството врз новинарите и медиумските работници ширум светот.
И покрај ова, 68 новинари беа убиени во 2022 година, а МФН стравува дека бројот на загинати оваа година ќе биде голем поради тековните конфликти во Украина и Израел-Палестина.
МФН ги посочува Камерун, Индија, Косово, Мексико и Палестина како земји каде стапката на неказнивост е особено загрижувачка и каде таргетирањето на медиумските професионалци и/или недостигот на реакција на властите за приведување на убијците и вознемирувачите на новинари испраќа порака дека е нормална практика да поминеш неказнето.
Според ОН, случаите на само еден од десет убиени новинари се соодветно истражени. Повеќето од убијците уживаат целосна неказнивост, како да е нормална практика убивањето, напаѓањето или заплашувањето на новинари. Следствено, ова го поткопува правото на граѓаните да бараат одговорност од нивните лидери и му штети на слободниот проток на информации.
Бидејќи овогодишната тема на Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста за злосторствата извршени врз новинари е „Насилството врз новинарите, интегритетот на изборите и улогата на јавното раководство“, МФН ги повикува земјите-членки да ја преземат својата одговорност и да се обврзат да се борат против заплашувањето, дискриминацијата и насилството што се присутни во процесот на медиумско покривање на изборите, во еден од најтензичните периоди за известување. Со оглед на тоа што во наредните месеци во повеќе од 80 држави ќе се одржат национални избори, МФН ги повикува владите да постават основа за безбедно известување и да се обврзат да го истражат секој напад врз печатот, вклучително и онлајн.
МФН, исто така, потсетува на потребата од обврзувачка Конвенција на ОН за безбедност и независност на новинарите и другите медиумски професионалци и ги повикува националните влади да ја усвојат.