НЕ за неутрална зона околу Собранието

Датум

 

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) и Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС), потписниците на Повелбата за солидарност, во врска со „Извештајот на Комисијата за испитување на настаните во Собранието на РМ од 24.12.2012 година“до Претседателот на Републиката и Претседателот на Собранието на Република Македонија упатија барање за исклучување од постапка на препораката за воспоставување неутрална зона околу Собранието на Република Македонија.

За синдикатите е неразбирлив обидот на Комисијата не само да бидат прекршени и тоа не една или две – туку цела низа одредби од Уставот на Република Македонија, туку и да се поткопа еден од најсуштинските столбови на парламентарната демократија. Поточно: граѓанскиот суверенитет!

Вака  формулираната Препорака, го загрозува  граѓанскиот суверенитет (чл. 2 од Уставот, но и чл. 62 според кој пратеникот ги претставува граѓаните) и претставува кршење и на  пресумпцијата на невиност (чл. 14) односно казнување на едни граѓани за нешто што, дури и можеби, направиле некои други граѓани. Потоа, таа задира во уставната гаранција за јавното изразување на мислата и забраната на цензурата (чл. 16), бидејќи ако едно мислење не може да се искаже пред Собранието, зошто и како би било „дозволено“ да се каже на кое и да е друго место, а што автоматски значи целосно погазување на чл. 21. Непосредно со тоа е врзано и правото на слободно движење (чл. 27).

Од друга страна, огромни се импликации по синдикализмот и синдикалните слободи. Неутралната зона би значела и забрана синдикатите да го изразат своето мислење пред Собранието или дури и да организираат штрајк пред него. Со тоа не само што се прекршуваат одредбите од чл. 37 и 38 на Уставот на Република Македонија, туку тоа е еклатантно непочитување на членот 3 на една од најбазичните конвенциите на Меѓународната организација на трудот – Конвенцијата број 87 за правата на синдикално организирање и дејствување. Потсетуваме на ставот 2 од оваа одредба каде е децидна забраната јавните власти да применуваат какви и да се рестрикции на тој план.

Потписниците, уште еднаш нагласувајќи дека се надеваат дека се работи за некој вид несреќни формулации во Препораката за неутрална зона, и имајќи ги предвид не само ингеренциите на Претседателот на Републиката и на Претседателот на Собранието туку и нивните одговорности  не само да постапуваат согласно Уставот – туку и да го штитат (чл. 79, 87 и 67), како и фактот дека Комисијата е формирана со нивни одлуки, БАРААТ обата претседатели да ја исклучат Препораката за неутрална зона од натамошната работа и постапување на Собранието

ССНМ                   УПОЗ                    СМДС

Останати
објави

Сподели на...