Непријавени работници има и во медиумите

Датум

Самостојниот Синдикат на новинари и медиумски работници ја поздравува најавата на Министерството за труд и социјала за засилени иснспекциски надзори и казни за работодавачите кои не ги пријавуваат нивните работници.

Синдикатот очекува оваа акција  да се однесува еднакво и неселективно и на медиумскиот бизнис. Притоа во функција на заштита на правата на работниците бараме суштински, а не формален надзор и примена на одредбите од Законот за работни односи.

Во таа смисла ССНМ му сугерира на Министерството и на инспекциските служби да обрнат внимание на фактот дека во македонските медиуми постои исклучително висок процент на таканаречено „неформално вработување“, односно „хонорарен ангажман“ преку договори за дело кај кои работодавачот е ослободен од обврската да плаќа пензиско и здравствено осигурување, а работникот е приморан тоа да го прифати и да работи со сите обврски, а без какви и да е права на редовно вработените.
Потсетуваме дека Законот за работни односи во повеќе членови предвидува разни видови вработувања, но не познава „хонорарни“ вработувања поради што нивното толерирање претставува кршење односно заобиколување на одредбите од трудово право. Акцијата која се дефинира како „целосно ставање во заштита на работничките права“, не може да затвори очи на појавата која од нашите колеги прави директни жртви на желбата за профит на нивните работодавачи.
ССНМ уште еднаш ја поздравува и целосно ја поддржува најавата на Министерството за труд и социјала за засилени контроли и борба против вработувања на црно и е подготвен да помогне со свои сознанија за состојбите во медиумскиот бизнис.

Останати
објави

Сподели на...