Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, по приавата добиена од колешката Мери Јордановска, за вербалните напади и сексуалното вознемирување од страна на авторот на фејсбук страната на Миленко Неделковски бара од надлежните институции да преземат сè тоа да биде санкционирано.
ССНМ како член на Меѓународната федерација на новинарите за случајот ќе го информира Извршниот комитет на Советот за родова рамноправност, а воедно ги повикува сите свои членови да се солидаризираат во ставот дека сексуалното вознемирување со непредизвикани вербални напади преку социјалните мрежи се неприфатливи и за целосна осуда.
Нема ништо смешно, симпатично, ниту разбирливо во изложување на една жена на непристојни и вулгарни коментари, но за жал, сексуалното вознемирување, родовите стереотипи и дискриминацијата се честа појава и во медиумската индустрија. Синдикатот смета дека е тоа проблем за кој не смее да се молчи. ССНМ ги охрабрува колешките да не ги игнорираат проблемите и никако да не се чувствуваат на каков било начин одговорни за тоа што им се случува, туку да реагираат и гласно да ги именуваат сторителите. Во таа смисла ја поздравуваме храброста и решителноста на колешката Јордановска која одбива да ја прифати улогата на жртва и која се спротивстави на ниското и вулгарно третирање на кое некој сака да ја изложи.