По повод 1 мај

Датум

 Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ви го честита Меѓународниот ден на трудот и воедно Ве информира дека за жал  и покрај сите обиди и покажана волја и трпение  кога станува збор за медиумската индустрија

, можеме да констатираме дека не постои социјален дијалог за решавање на проблемите кои ја оптоваруваат медиумската сфера .   ССНМ ја прифати поканата да биде дел од дијалогот што ЗНМ во септември минатата година го започна со Владата. Добивме можност првпат во јануари да се сретнеме со владиниот тим за преговори и да им ги презентираме приоритетни проблеми со кои се соочуваат нашите колеги, заедно со начините и роковите за нивно решавање. Таа средба во јануари со владиниот тим, резултираше со средба во февруари, па уште една во март со ресорниот министер за труд и социјала и на сите беше констатирано дека проблемите кои ги посочуваме се реални, дека треба да се решат, но дека е тоа сериозен чекор кој бара зелено светло од Владата и јасна политичка одлука.
ССНМ во неколку наврати бараше почеток на решавање на проблемите, а не само средби и глумење на дијалог. ССНМ не е за парадни средби без никакви резултати!
Во април испративме порака до Министерството дека следната средба е можна само доколку се подготвени да почнеме да разговараме за начини и рокови за средување на работите, а не за констатирање проблеми по кој знае кој пат.
Фактот дека од другата страна не добивме одговор е потврда дека политичка одлука и волја за решавање на проблемите – не постои! Оттука, можеме да констатираме дека Владата за нешто што е елементарна придобивка на современите демократии – колективна заштита и социјален дијалог се однесува како тоа да е сосема споредна и небитна работа.
Повеќе од кога и да е медиумските работници се соочуваат со сè поголема невработеност, со работни договори кои не им обезбедуваат никаква социјална и економска сигурност, со директни закани со отказ или казни.
Иако формално со Закон е дозволено, во пракса членувањето во Синдикатот се смета како акт на нелојалност на работникот кон менаџментот и се обесхрабрува на сите можни начини. Поради ова, за жал, многу наши колеги се соочуваат со неправди и кршење на нивните права сосема сами, без каква и да е колективна заштита.
Владата е таа која е одговорна да создаде услови и амбиент во кој колективната заштита и социјалниот дијалог и во приватната и во јавната сфера би биле можни и загарантирани.
Бидејќи таа се однесува индиферентно и незаинтересирано – сопствениците на медиумите, работодавачите и нивните вазали одат и ќе одат се’ подалеку во кршењето на елементарните права на вработените што денеска и се случува.
Во специјалниот дијалог меѓу Македонија и ЕК – слободата на медиумите е поставена како топ приоритет. Пораката на ССНМ како полноправна членка Европската федерација на новинарите во контактите со ЕУ е дека слободата на медиумите не е можна  во услови на економска и социјална несигурност, а токму тоа е реалноста на медиумските работници во Македонија.

Останати
објави

Сподели на...