Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници по повод Меѓународниот ден на жената 8 март алармира за лошата позиција на жените во медиумската индустрија. Високото ниво на стрес, заплашување, потценување или игнорирање на нивната работа , неприфатливо оптоварување со работа и работно време што оневозможува приватен живот, вработување на одредено време или статус на хонорарки се речиси правило, а не исклучок.
Работното опкружување е негативно особено кон жените мајки што често поради грижата за семејството се дискриминирани во однос на можноста за вработување, платите и напредувањето во кариерата.
Сексуалното вознемирување останува проблем што упорно се премолчува: непримерените коментари и третирањето на колешките како сексуални објекти имаат драматично влијание на личноста која е на тоа изложена, на нејзината работа и квалитетот на нејзиниот живот. Дури и во ситуација кога жртвата јавно ќе проговори – надлежните институции остануваа неми, а изостанува и солидарноста од колеги.
Иако трендот покажува дека се повеќе жени се образуваат и влегуваат во професијата, бројот на оние кои се на извршни и раководни позиции е драматично помал во однос на мажите.
Медиумите во демократско општество имаат задача да ги промовираат еднаквоста, толеранцијата и почитувањето на индивидуата без разлика на полот, возраста, етничката припадност, сексуалната ориентација. Борбата за овие вредности почнува во редакциите.