Меѓународната федерација на новинари (МФН) и нејзината членка Европската федерација на новинари (ЕФН) денеска ја поддржаа борбата и протестот за слобода на печатот и правата на новинарите во Македонија
„Македонските новинари се под огромен притисок од политичарите и сопствениците на медиумите и неодамнешните настани покажуваат дека државата ја достигнала точката во која едноставно станува неподносливо да се работи слободно во новинарството“ вели претседателот на МФН Џим Боумела. Стотици македонски новинари излегоа во Скопје на четврти јули да протестираат против злоупотребувата на отказите, мешањето на политиката и драстичното намалување на активноста на медиумите.
„Слободата на медиумите е под сериозна закана во Македонија и постои ризик од инсталирање на култура на страв во оваа професија“ вели Тамара Чаусидис, претседател на ССНМ, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници
„Последниве години Македонија покажува лоши резултати во однос на слободата на новинарството и ние сме загрижени што држава – кандидат за членство во ЕУ не работи сериозно на основните права како што е слободата на пресот “ вели претседателот на ЕФН Арне Кониг. „Ние се надеваме дека Европската Комисија ќе ја земе предвид нашата загриженост при проценката за напредокот на земјата кон ЕУ и ги повикуваме македонските власти да ги почитуваат стандардите за слободата на печатот и новинарските права”. Пред еден месец на годишното собрание на EФН беше, исто така, усвоена Изјава против нефер работните договори во македонските медиуми.
Ситуацијата во медиумската сфера во Македонија се влошува, неколку весници објавија драстично намалување, а сериозни, искусни и почитувани новинари се веднаш отпуштени откако презеле очајнички потег за да протестираат и да зборуваат во јавноста. Вкупно над 200 новинари и медиумски професионалци ризикуваат да ги загубат своите работни места во наредните месеци поради сомневањата за лоши постапки на нивниот сопственик. Четири медиуми (весници Шпиц, Време, Коха Е РЕ и A1TV) се под ризик да бидат затворени заради обвиненијата за нивниот сопственик за затајување данок.Голем број новинари се под постојан притисок да работат за политички или бизнис интереси.
Според Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Здружението на новинарите „Независноста и плурализамот во македонските медиуми се сериозно загрозени“
„Замолчување со отпуштање или со користење на други софистицирани економски и социјални притисоци, му нанесува сериозна штета на демократскиот амбиент во нашето општество. Таквите постапки, исто така, се директен акт против основното право на слободата на изразувањето во Македонија”.
Властите на Македонија мора да преземат итни мерки за подобрување на законодавството и примена на законите на неселективен начин, за да се спречи новинарите да бидат отпуштени од сопствениците на медиумите со заобиколување на стандардните процедури со цел да се ослободат од оние кои зборуваат против кршењето на основните права, велат од Меѓународната и Европската федерација на новинари.