Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ја поддржува граѓанската иницијатива „ Аман доста е“. Поскапувањата не засегаат сите независно од професионалната, националната, партиска или каква било друга припадност
и затоа ССНМ целосно се придружува на барањата да се врати евтина дневна тарифа на електричната енергија и таа да биде на ниво од 2008 година, да се укине ставката ангажирана моќност од 33 проценти, да се повлече новиот правилник на Топлификација, да се врати цената на парното на ниво од 2008 година и да се намалат цените на горивата во согласност со стандардот на луѓето во Македонија.
Апелираме до своите членови и до граѓаните да излезат во што поголем број на протестите во вторник 28 август, во сите градови каде се одржуваат, и на сите следни протести се до исполнувањето на поставените цели. Се што треба да направиме е да покажеме дека не се согласуваме со секојдневните поскапувања. Ако сме заедно и ако сме бројни – ќе успееме.
Воедно ги повикуваме и искрено ги охрабруваме и другите синдикати во Македонија да се солидаризираат во одбраната на интересите на сопственото членство кое заслужува достоинствен живот втемелен на социјална правда, хуманизам и еднаквост.