Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници
(ССНМ) изразуваат јавна поддршка на годинашниот „Марш на толеранцијата“ што се одржува во знакот на слободата нa изразувањето, во организација на Хелсиншки комитет за човекови права на Р.Македонија.
Како организации посветени на чувањето и негувањето на професионалното и етичкото новинарство кое е камен-темелник на демократијата и слободата, целосно го споделуваме ставот за потребата од постоење на здрава критичка свест и јавност, со акцент на негувањето и одбраната на јавната дебата и слободата на изразување.
Без слобода на изразувањето, не постои ниту новинарство сфатено како јавно добро, со капацитет да се спротивстави на сите влијанија и притисоци од политиката и од бизнисот и да придонесува кон заштита и афирмација на правата на граѓаните.