Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници најостро протестира за постапката на грчките гранични органи кои не и дозволија влез во Грција на нашата колешка, новинарка и уредничка во дневниот весник „Дневник“ Ивана Костовска.
Сметаме дека станува збор за скандалозна демонстрација на непочитување на правото за слободно движење, како и на слободата на медиумите од страна на Вашата држава. Уште повеќе загрижува фактот дека не е првпат Вашите државни органи да прогласуваат македонски новинари за „персони нон грата“ за Вашата држава.
Оваа постапка, не само што не е во духот на европските принципи на заедништво и солидарност, туку директно задира во основните човекови права, меѓу другото и во правото на слободна размена на информации. Затоа со жалење мораме да констатираме дека на ваков начин Република Грција влегува во црниот список на недемократските држави каде што е загрозено правото на информирање и на слободен протек на луѓе и идеи.
Вбројувањето на новинарите на списокот на непожелни личности, не говори толку за самите новинари, колку за практикувањето на демократијата на државата која на овој начин ја демонстрира својата сила. Уште повеќе загрижува дека ова се случува во еден сензитивен момент на меѓудржавните односи и е во целосна спротивност на декларираното добрососедство.
Затоа Самостојниот синдикат ќе стори се’ што е во негова моќ да го заштити правото на своите колеги за непречено движење и слободно информирање, каде и да се наоѓаат тие.
- +389 2 2671 201
- contact@ssnm.org.mk
- бул. „Св. Климент Охридски“ бр. 58-Б, Скопје