Реакција за Кежаровски

Датум

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници е запрепастен и згрозен од пресудата за колегата Томислав Кежаровски, кој во два текста објавени 2008 година пишувал за злоупотребата од страна на МВР и ДБК на институтот „заштитен сведок“ со што постапил согласно елементарната новинарска задача – да информира за сите неправилности во функционирањето на институциите, ставајќи се во одбрана на интересот на граѓаните.

Пресудената казна за новинарот Томислав Кежаровски, која е поголема и од онаа изречена за првообвинетиот е пресуда на целата новинарска фела и таа сама по себе кажува се. Таа го отсликува односот на судската власт кон правото на новинарот да го брани јавниот интерес.

Затоа ССНМ со индигнација ги отфрла аргументите дека Кежаровски  е осуден за кривично дело, а не за новинарски ангажман  и смета дека со неговата пресуда во Македонија на новинарите им е порачано дека им е одземен суштинскиот елемент на професионалниот интегритет. Без правото да постапува во одбрана на јавниот интерес, новинарот престанува да биде новинар и се сведува на обичен пренесувач на изјави на центрите на моќ.

ССНМ ги повикува колегите да направат притисок во редакциите каде се ангажирани за поддршка и солидарност со нашиот колега преку чија индивидуална голгота се крши рбетот на професијата на која сите и припаѓаме.

Останати
објави

Сподели на...