Европската федерација на новинари (ЕФН) на годишното собрание во Приштина одржано на 23 и 24 мај, 2024 усвои резолуција со која го поддржува вмрежувањето на синдикатите на новинари и медиумски работници од Балканот.
Оваа резолуција беше поднесена од Синдикатот на новинари на Србија (СИНОС), Синдикатот на новинари на Турција (ТГС), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници од Македонија (ССНМ), Синдикатот на новинари на Хрватска (СНХ) и Синдикатот на медиуми од Црна Гора (СМЦГ).
Оваа иницијатива подразбира зајакнување на улогата на синдикатите во медиумскиот сектор во регионот, засилување на нивната меѓусебна соработка, размена на искуства и добри практики, како и заеднички иницијативи и активности.
„Соочени со фактот дека Западниот Балкан и Турција се региони во кои медиумските слободи се загрозени во поголем степен отколку во Западна Европа: основање синдикати во приватните медиуми е сѐ уште забрането; сопствениците на медиумите одбиваат социјален дијалог за изедначување на работните услови; постојат апсења и зголемен притисок врз безбедноста на новинарите, загрозување на изворите на информирање, шпионски софтвери и загрозување на тајноста на податоците“ – образложува иницијативата, поради што потребно е синдикатите да се обединат и така да ја зголемат ефикасноста на своите напори и обиди за подобрување на состојбите.
Со оваа резолуција, секретаријатот на ЕФН се обврзува во наредниот период пред сѐ да охрабри потпишување на меморандум за соработка на синдикатите од регионот, како и да ги поддржи понатамошните активности на мрежата.
Синдикатите од регионот веќе работат на своето вмрежување и се очекува во наредните неколку недели да биде потпишан и меморандумот за соработка.
извори на слики
- Годишно собрание на Европската федерација на новинари, 23-24 мај 2024 година, во Приштина: EFJ/X