Репортери без граници: Загрижувачки тренд на пад на слободата на медиумите во Македонија

Датум

Македонија бележи пад на Индексот за слобода на медиумите за 2026 година, продолжувајќи го негативниот тренд втора година по ред. Извештајот укажува на влошени услови, пад на довербата и потреба од итни системски мерки за зајакнување на медиумските слободи и професионалното новинарство.

Македонија падна за три позиции на Индексот за слобода на медиумите на Репортери без граници 2026, што претставува намалување на медиумските слободи втора година по ред.

Во извештајот на Репортери без граници за 2026 година Македонија се најде на 45. место од 180 земји колку што се рангирани според строгите критериуми на оваа меѓународна организација. Во 2025 година Македонија беше на 42. место, додека во 2024 на 36. позиција.

Ваквиот загрижувачки тренд се базира на пад во сите пет основни индикатори поради што земјата остана обележана со портокалова боја која слободата на медиумите ја означува како „проблематична“.

„Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, широкораспространетите дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Исто така, владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“, пишува во извештајот за Македонија.

Оваа констатација на Репортери без граници ги потврдува и наодите на ССНМ дека новинарите и медиумските работници работат во неизвесни и несигурни социо-економски и професионални работни услови, што директно придонесува за намалување на квалитетот на новинарството.

Земајќи предвид дека слободата на медиумите и професионалното новинарство се столб на развојот на едно демократско општество потсетуваме дека се потребни неколку сериозни чекори за подобрување на состојбата и тоа: неселективни даночни олеснувања за новинарите и медиумските работници со цел подобрување на нивната социо-економска состојба, основање на фонд за медиуми/новинарство, нов закон за медиуми усогласен со Европскиот акт за слобода на медиумите.

Оваа година е обележана и со уште еден негативен тренд, а тоа е дека за првпат во историјата на Индексот за слобода на медиуми повеќе од половина од земјите во светот се наоѓаат во категориите „тешка“ или „многу сериозна“. Главниот проблем за ова според извештајот се сè порестриктивни законодавни механизми, особено оние поврзани со политиките за национална безбедност кои постепено го поткопуваат правото на информирање, дури и во демократските земји.

„Тоа е јасен знак дека новинарството сè повеќе се криминализира на глобално ниво“, заклучуваат Репортери без граници.

Од групата земји во регионот „задоволителна“ состојба е нотирана само во Словенија (36) и Црна Гора (41), во групата со „проблематична“ се Хрватска (53), Бугарија (71), Албанија (83) и Грција (86), а Босна и Херцеговина (90) и Србија (104) се во категоријата „тешка“ состојба.

Норвешка го задржува првото место десетта година по ред, по што следуваат Холандија, Естонија, Данска и Шведска. На последното место трета година по ред се наоѓа Еритреја.

Останати
објави