Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници остро реагира на притисоците и влијанијата кои се прават врз вработените во Македонската радио телевизија кои се членови на синдикалната група во МРТВ при ССНМ.
Ваквите недемократски методи од страна на другиот синдикат за придобивање членство, а на штета на друга синдикална организација се недозволиви во едно демократско општество и спротивни на законите.
Правото на синдикално и професионално организирање на новинарите и медиумските работници, како и на сите граѓани, им е загарантирано со Уставот и Законот за работните односи и никој не смее да им наметнува начин на организирање против нивната волја.
Во оваа насока претставници на ССНМ и на Здружението на новинарите на Македонија денеска разговараа за состојбите во Јавниот радиодифузен сервис, при што се истакна дека здружено и солидарно двете организации ќе работат во унапредување на заедничките напори за подобрување на социо-економската состојба на новинарите и медиумските работници, како поддршка на синдикалната група во МРТВ при ССНМ.
Новинарите и медиумските работници од синдикалната група во МРТВ при ССНМ ја имаат целосната поддршка и се охрабруваат да не подлегнуваат на притисоците и заканите за отчленување од синдикатот во кој се зачлениле по нивна сопствена волја.
Укажуваме дека истапниците кои им биле делени на членови на ССНМ се ништовни бидејќи тие смее да ги издаде само синдикалната организација на која работникот е член.
Ваквите притисоци за истапување од синдикат се и мобинг, за што се одговара според законските прописи и доколку оваа пракса продолжи ССНМ ќе пријави до надлежните институции, а ќе бидат известени и меѓународните синдикални организации во кои членува ССНМ.
извори на слики