Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги осудува директните закани кон колегата од Канал 5 Александар Видиновски и бара од надлежните да постапуваат по очигледната закана по безбедноста на новинарот.
Под објавата на својот Фејсбук-профил на неговата репортажа од Пустец, Албанија, Видиновски доби сериозни и застрашувачки закани од лицето Виктор Стојанов кое има забрана за влез во Македонија на неопределено време поради дејствија насочени против македонската држава. Тој го обвини Видиновски дека лаже и му се закани со притворање.
ССНМ смета дека „слободата“ секој на свој начин да го толкува новинарскиот труд и да си зема за право да се заканува по социјалните мрежи и во коментарите на објавените вести, па и во лична комуникација, добива на интензитет и затоа, брза и ефективна реакција на соодветните институции е исклучително важна во делот на сузбивање на веќе востановената практика. Ваквите форми на притисоци и директни напади врз новинарите и медиумските работници претставуваат и закана за слободното изразување и слободата на медиумите, а лесно може да се претворат во посериозно попречување на работата на новинарите која е од јавен интерес.
Во исто време ССНМ бара од Министерството за надворешни работи да реагира до бугарското МНР бидејќи според договорот за добрососедство двете страни се обврзани да регистрираат и постапуваат по акти со говор на омраза кон другата страна.