ССНМ и ЗНМ: Славески со дисквалификации наместо одговори кон новинарите на ТВ Канал 5

Датум

ССНМ и ЗНМ остро реагираат на односот на гувернерот Трајко Славески кон новинарите, оценувајќи дека наместо одговори на прашања од јавен интерес, биле упатени дисквалификации и омаловажувања. Тие потсетуваат дека критичките прашања се составен дел од демократската отчетност и бараат повисоко ниво на почит и одговорност од носителите на јавни функции.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро реагираат на односот на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, кон новинарот на ТВ Канал 5, кој на вчерашниот јавен настан наменет за медиумите, наместо јасни одговори на прашања од висок јавен интерес, избра потценувачки и дисквалификувачки однос кон новинарите. На директните новинарски прашања, Славески изјави дека прашањето е „апсолвирано“, а потоа на новинарот од Канал 5 му порача: „Добро, за ова разговарајте со вашиот уредник и прашајте го кои се мотивите за овој напад врз централната банка“.

За ССНМ и ЗНМ, ваквиот настап е недозволив за носител на висока јавна функција. Новинарите не се должни да трпат омаловажување, инсинуации и префрлање на вина само затоа што поставуваат непријатни, но легитимни прашања во интерес на јавноста. Наместо аргументи и отчетност, јавноста виде обид новинарските прашања да се претстават како напад, а новинарите да се дискредитираат пред камери.

ССНМ и ЗНМ потсетуваат дека јавните функционери имаат обврска да покажат повисоко ниво на политичка култура, институционална зрелост и почит кон медиумите. Критичките прашања не смеат да се третираат како непријателски чин, туку како составен дел од јавната отчетност и демократскиот надзор врз институциите. Секој обид за дискредитација на новинарите или за доведување во прашање на нивните мотиви претставува лоша порака кон целата медиумска заедница и кон јавноста.

Го повикуваме гувернерот Славески, како и сите носители на јавни функции, да се воздржат од дисквалификации, омаловажување и етикетирање на медиумите, и наместо тоа да покажат почит, транспарентност и одговорност во комуникацијата со новинарите.

Останати
објави