ССНМ огорчен за нападот врз новинарите во Кичево, но со поздрав за брзата реакција на обвинителството

Датум

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници со огорченост ја прими информацијата за физички напад на извршителката Весна Јакимовска од Кичево врз колегата Фуркан Салиу од ПорталИкс. Особено веста за телесните повреди кај колегата и уништувањето на дел од нивната опрема при вршењето на секојдневната новинарска пракса нѐ поттикнува да бараме итно разрешување на овој инцидент.

ССНМ смета дека вакво однесување на лица што треба да спроведуваат делови од правниот систем во земјава кон тие што се „будно око“ на општеството е за брза постапка на надлежните и во тој контекст со задоволство ја дочекавме веста за брзата реакција на Основното јавно обвинителство во Кичево кое по известувањето за настанот ги издаде потребни наредби и насоки за расчистување на случајот. Според нашите сознанија предметот е евидентиран во статистиката на пријавени нападнати новинари што ја води Јавното обвинителство. Од таму и најава за брзо дејствување со цел да биде донесена брза одлука за натамошниот тек на постапката. Кога целиме на итна реакција со должност потсетуваме дека во Кривичниот законик е впишан членот со кој нападот на новинар се третира како напад врз службено лице и обвинителството нема пречка да отвори предмет по службена должност и да го гони напаѓачот.

Со надеж дека колегите ќе бидат и заштитени, и ќе имаат сатисфакција за нанесените повреди и штета, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници предупредува дека употреба на сила врз членови на заедницата која врши професија информирање и која е од јавен интерес од страна на лица што треба да спроведуваат судски одлуки може да биде протолкувано како отворање на повик за насилство и од други професии. А, нам ни претстојат избори во кои новинарите одново може да бидат најлесната мета, состојба на која предупреди и мисијата за мониторирање на изборите, ОБСЕ/ОДИХР.

Останати
објави

Сподели на...