ССНМ потпиша Меморандум за соработка со пет регионални медиумски синдикати

Датум

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) заедно со пет пријателски синдикати е ко-потписник на Меморандумот за соработка. Овој важен договор ги вклучува: Синдикатот на хрватските новинари (СНХ), Синдикатот на медиуми на Црна Гора (СМЦГ), Синдикатот на новинарите на Србија (СИНОС), Синдикатот на новинарите на Турција (ТГС) и огранокот Синдикатот за култура, уметност и медиуми „Независност“ од Србија.

Основната цел на Меморандумот е да се воспостави рамка за соработка со цел заедничка работа на подобрување на условите за работа на медиумските работници. Потписниците на Меморандумот ќе соработуваат за подобрување на условите за работа во медиумите во нивните земји, придржување до европските стандарди, застапување на правата на новинарите и другите медиумски работници, промовирање колективни договори, размена на најдобри практики и поттикнување на вклученост и различност во медиумскиот сектор.

Во согласност со заклучоците од годишниот состанок на Европската федерација на новинари (ЕФЈ) одржан на 23 и 24 мај 2024 година во Приштина, потписниците на Меморандумот активно ќе соработуваат и ќе ја поддржат ЕФЈ во обид да обезбедат средства за потенцијалното обновување на експертската група на ЕФЈ за работнички права (LAREG+) за периодот 2025-2029 година. Оваа група исто така ќе ја поддржи регионалната соработка помагајќи им на синдикатите да воспостават регионална мрежа за работнички права и да обезбеди одржливост на таа мрежа преку проекти или други средства.

Што ќе правиме?

Подобрување на работничките права: Заедничко застапување за подобрување на работничките права на новинарите во земјите каде што функционираат синдикатите-потписници. Идентификување на клучните прашања со кои се соочуваат медиумските работници и создавање регионален одговор на растечките предизвици.

Заеднички мониторинг на европските стандарди: Следење на развојот на европските стандарди во врска со слободата на медиумите и подобрување на положбата на новинарите и креирање заеднички иницијативи за законски измени.

Застапување: Соработка во застапувањето на правата и интересите на новинарите на национално и наднационално ниво, вклучително и презентирање единствени ставови за предлозите за политики.

Промовирање на важноста на колективните договори: Подигнување на свеста за важноста на колективните договори во медиумскиот сектор и работа на нивно воспоставување и одржување.

Размена на добри практики и знаења: Организација на заеднички работилници, семинари и конференции за размена на значајни согледувања и стратегии кои можат да ги подобрат условите за работа на новинарите.

Вклучување на млади новинари и студенти по новинарство: Вклучување на млади новинари и студенти по новинарство во синдикални активности преку менторство, практикантство и образовни иницијативи.

Нагласување на позицијата на новинарките: Застапување за родова еднаквост, решавање на прашања како што се разликите во платите и вознемирување на работното место и промовирање на лидерски можности за жените.

Промовирање на инклузија и различност: Активно промовирање на вклученоста и различноста во медиумскиот сектор, охрабрување на различни практики за вработување и поддршка на недоволно застапените групи.

Како ќе работиме?

Страните ќе се состануваат редовно, најмалку двапати годишно, за да го следат напредокот, да разговараат за предизвиците и да ги планираат идните активности во согласност со целите на Меморандумот. Исто така, тие можат да формираат заеднички комисии или работни групи за решавање на конкретни прашања или проекти и да обезбедат отворена и транспарентна комуникација и навремено споделување на релевантни информации.

Овој Меморандум претставува значаен чекор напред во зајакнувањето на регионалната соработка и подобрувањето на работните услови за новинарите од целиот регион, истовремено промовирајќи ја слободата на медиумите и безбедноста на новинарите на работното место.

Останати
објави

Сподели на...