Теодора Цветковска од ССНМ дел од Меѓународната младинска група на медиумски работници

Датум

Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) со првата работна средба на Младинската група на медиумски работници која што се одржа минатата недела го промовираше телото кое обединува 27 млади медиумски работници од целиот свет. Групата за која одлуката за формирање беше донесена на Конференцијата на ИФЈ одржана во Скопје во октомври 2023 година е составена од девет претставници од Европа, девет од Азија, четири од Африка, три од Латинска Америка и двајца од Блискиот исток.

Меѓу претставниците на стариот континент е избрана и членката на ССНМ, извонредно талентираната новинарка Теодора Цветковска која ги покрена поткастот Анекта и агрегатот Поткаст.мк.

„Чест е да се биде дел од оваа тело на ИФЈ, особено по регионалните средби на синдикати кои ги имавме перидов и на кои се зацврсти идејата дека на младите новинари и медиумски работници им треба група која ќе ја водат тие самите, а ќе адресира и ќе се обиде да најде решенија за прекршување на работничките права на оние кои сега ја започнуваат својата кариера“, вели Цветковска во првата изјава по изборот во телото на ИФЈ.

„Ги запознав сите 27 колеги и колешки, и морам да признаам дека првпат имав шанса да чујам со какви проблеми се соочуваат новинарите од Камерун, Перу, па дури и од Италија која географски е поблиску, за да сфатам дека сите имаме горе-долу исто секојдневие. Следно е да ги лоцираме и прецизираме темите кои ќе бидат во фокус на Младинската група на медиумски работници во следниот период“, додаде Цветковска.

Со создавањето на Младинската група на медиумски работници, Меѓународната федерација на новинари уште еднаш покажа дека опстојува на идејата за посериозно вклучување на младите новинари и медиумски работници во синдикалните активности. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници го поддржува ваквиот пристап, а особено сме горди што членката на Извршниот одбор Теодора Цветковска ќе биде дел од оваа група.

Останати
објави

Сподели на...