Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници е запрепастен и згрозен од упадот во програмата и легитимирањето на водителот на емисијата на Канал 103 во МРТВ. Сметаме дека станува збор за директна, груба цензура која компплетно ја соголува драмтичната состојба со слободата на информирањето во МРТВ. Никакви правила и процедури не можат да го сокријат фактот дека на водител на емисија му е оневозможено на најгруб и насилнички начин да ја врши својата работа. На отворен микрофон го слушнавме „обезбедувањето“ на МРТВ како без каква и да е задршка го легитимира водителот и го отстранува од програмата. ССНМ најостро го осудува ваквиот чин и бара одговорност од раководството на МРТВ, како и објаснување чие обезбедување влегло во програма на отворен микрофон, на МРТВ или на приватна компанија за обезбедување?
ССНМ за овој инцидент ќе ги информира сите меѓународни новинарски организации, вклучително и Меѓународната и Европска федерација на новинарите.
Воедно ССНМ по вчерашниот инцидент искажува јавна поддршка на акциите и протестите за начинот на работата на јавниот сервис и ги повикува сите новинари и медиумски работници целосно да се солидаризираат со колегите во МРТВ и да го искажат својот револт за состојбата во која се доведени нашите колеги. Ова не може и не смее вака да продолжи.