Кога ќе се појави скандал, граѓаните очекуваат некој да ја открие вистината. Кога се трошат јавни пари, очекуваме некој да постави прашања. Кога институциите пропаѓаат, сметаме на некој да ги истражи фактите и да ги објави.
Тој „некој“ се новинарите.
Тие откриваат корупција, истражуваат злоупотреби на моќ, известуваат за војни, земјотреси и поплави, ги следат судовите, владите и локалните заедници. Нивната работа ја обликува демократијата и правото на граѓаните да бидат информирани.
Во последните дваесет години, медиумскиот свет драматично се промени. Рекламите, кои некогаш ги финансираа редакциите, се префрлија на глобални дигитални платформи.
Весниците сѐ поретко се купуваат на трафика, а јавноста се навикна на тоа содржината да биде достапна бесплатно онлајн. Вестите се достапни со еден клик, но често се заборава дека зад секоја објавена приказна стојат часови работа: истражување, проверка на факти, интервјуа со соговорници и уредничка одговорност. Новинарството не е бесплатно.
Кој плаќа новинар кој поминува месеци истражувајќи корупциски скандал? Кој финансира известување од кризните подрачја? Кој гарантира дека локалните заедници имаат независни медиуми кои ја следат работата на градоначалниците, министрите или големите компании без да зависат од нив?
Со овие прашања аплициравме за проектот JOURVALUE: „Колку вреди новинарството?“ и добивме поддршка од Европската Унија. Во текот на следните две години, заедно со партнери од Хрватска, Црна Гора, Северна Македонија и Европа, ќе истражуваме како се финансираат медиумите денес, каква е положбата на новинарите и кои решенија можат да обезбедат одржлива иднина за квалитетно и независно новинарство.
Проектот е координиран од Хрватскиот новинарски синдикат (SNH), а се спроведува во партнерство со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Синдикатот на медиуми во Црна Гора (СМЦГ) и Европската федерација на новинари (ЕФН).
JOURVALUE е роден од споделеното искуство на новинарските организации од регионот кои со години се соочуваат со слични проблеми: пад на медиумските приходи, раст на несигурните форми на работа, притисоци врз професионалното новинарство и сè потешкото финансирање на истражувачката работа.
Во текот на следните две години, партнерите ќе спроведат обемно истражување во Хрватска, Црна Гора и Северна Македонија за да одговорат на неколку клучни прашања: како се финансираат медиумите, како се платени новинарите, колку заштита им се обезбедува на фриленсерите и кои модели овозможуваат одржлива и достоинствена работа во новинарството.
Врз основа на резултатите од истражувањето, ќе се развиваат образовни програми за новинарските права, преговарањето за хонорари, колективното договарање, монетизацијата на содржината, заштитата на фриленсерите и дигиталната и психолошката безбедност на новинарите.
Еден од важните резултати од проектот ќе биде развојот на регионална дигитална платформа која ќе им обезбеди на новинарите и медиумските работници пристап до правни алатки, шаблони за договори, водичи, образовни материјали и мрежа за професионална поддршка.
Проектот, исто така, ќе развие препораки за јавни политики и алтернативни модели за финансирање на независното и истражувачко новинарство, а преку кампањи ќе ја подигне јавната свест зошто квалитетното новинарство не е трошок, туку јавно добро.
Додека општеството очекува новинарството да биде чувар на демократијата, многу новинари работат во несигурни услови, за ниски хонорари или без соодветна правна заштита. Фриленсерите и оние кои работат надвор од големите редакции или во локалните медиуми се особено ранливи. Има сè повеќе содржина, а сè помалку пари за оние што ја создаваат. Сакаме да истакнеме дека зад текстовите што ги читаме секој ден, вестите што ги споделуваме и приказните што го обликуваат јавниот простор, стојат вистински луѓе, новинари чија работа бара време, знаење, искуство и посветеност на јавниот интерес.
Зад секоја објавена приказна стојат часови истражување, разговори со соговорници, проверка на факти и одговорност пред јавноста, а понекогаш и лични и безбедносни ризици.
Затоа што демократијата не може да функционира без информирани граѓани. А нема информирани граѓани без новинари чија работа има вредност и заслужува да биде праведно платена.


