Самостојниот синдикат на новинарите и на медиумските работници (ССНМ) го осудува сѐ почестото непријателство врз новинарите и ги повикува институциите да престанат немо да ги следат недвосмислените обиди да се гази по професионалното достоинство на нашите колеги.
Скандалозно е некој да им забранува на новинарите да известуваат, како што ѝ се случи на колешката од радиото Канал 77, Вања Мицевска која во понеделникот била избркана од протестот на движењето ГДОМ во Штип. Сепак, најзагрижувачко е тоа што полицајците не ја заштитиле и не ѝ го гарантирале правото да известува.
Поединец и група може да мислат дека имаат право да одредуваат кој новинар да следи протест, а кој не, меѓутоа полицијата, која сите ја плаќаме за да нѐ заштити, мора да реагира на овие инциденти и да им обезбеди услови на новинарите да си ја вршат работата.
Дополнително, згрозени сме од настапот на претставниците од велешкото Здружение на пензионери кои на протестот, исто така одржан во понеделникот, се дрзнаа наши колеги да ги оквалификуваат како странски соработници и платеници. Овој јавен напад врз професионалното достоинство на колегите е резултат на постојаните дискфалификации кои новинарите во Македонија ги трпат со години и тоа многу често од новинари било на телевизии или радија со национална концесија, било во печатените медиуми. Последната безочна дискфалификација дојде од Мирка Велиновска во весникот „Дневник“.
Кога ќе се случат вакви два големи инциденти во само еден ден и кога ниту една институција нема да реагира, јасно е зошто Македонија е на дното од сите релевантни листи што ја мерат слободата на говорот и на медиумите во светот.