Солидарност со колегите од Телма

Датум

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) целосно се солидаризира со колегите на кои им се заканува отпуштање во ТВ Телма и апелира до менаџментот да ја измени одлуката која ќе има негативни последици не само врз имиџот на телевизијата туку и врз севкупната состојба во медиумската индустрија во која токму Телма во овој момент игра исклучително важна улога.
ССНМ информира дека по еднострано донесената одлука на раководството на куќата, во текот на денот се одржаа и првични консултации на претставниците на синдикатот на Телма и менаџментот од кој, како што сме информирани, може да се заклучи дека се бараат начини за надминување на ситуацијата.
ССНМ во оваа прилика јавно потсетува дека континуираното намалување на правата на вработените, преточено во постојани измени за Законот за работни односи не го анулираат фактот дека не секогаш она што е законски дозволено е и етично.
Начинот на кој една национална телевизија која гради имиџ на професионална и независна, се однесува со искусните и професионални новинари е исклучително важен показател на нејзината општествена одговорност и свест за последиците од донесените одлуки.
Очекуваме од менаџментот на Телма да биде исклучок од правилото дека „без секого се може и секој сѐ може“, кое на долг рок го троши квалитетот и супстанцата на професијата на која и припаѓаме.
ССНМ нема намера да стои на страна од процесот во насока на заштита на правата на своите членови во ТВ Телма.

Останати
објави

Сподели на...