Француската новинска агенција (АФП) бара од своите слободни фотографи кои работат низ светот во канцеларии надвор од Франција да потпишат „неприфатливи“ договори кои вклучуваат пренос на нивните авторски права без дополнителен надомест. Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) ги осуди таквите „нефер“ практики и бара итна ревизија на стандардните договори за новинарите кои работат за АФП. ИФЈ исто така ги повикува новинарите да не ги потпишуваат таквите договори.
Многу фотографи низ светот ја информираа ИФЈ за сомнителните договорни практики кои ги предлага правниот сектор на АФП во Париз, Франција и Никозија, Кипар. Договорот бара целосен пренос на авторските права на слободните фотографи и видеографи без дополнителен надомест.
Стандардниот договор бара фотографите да потпишат глобална, неотповиклива и трајна дозвола за користење на нивните фотографии и видеа на кој било медиум, на кој било јазик и во која било форма, вклучително и во идни производи. ИФЈ е загрижена дека АФП бара начин да ја оправда оваа нова практика тврдејќи дека платата која им се исплаќа на фотографите го покрива и преносот на авторските права, иако се работи за два различни видови надомест.
„Не ги прифаќаме овие договорни практики“ рече Филип Лерут, претседател на ИФЈ, „бидејќи тие едноставно ги лишуваат новинарите од авторските права. Бараме од АФП веднаш го ревидира ваквиот договор со кој се експлоатира фотографската работа и ги охрабруваме фотографите да не потпишуваат никакви договори со АФП ниту кој било друг медиум кој не обезбедува дополнителен надомест за какво било додатно користење на фотографиите.“
АФП веќе се обидоа да им ги одземат таквите права на фотографите во локалните договори. Реакцијата на синдикатот ја запре таквата злоупотреба и беше потпишан договор за француските фотографи со авторските агенции SCAM и SAIF. Новиот договор кој ИФЈ го осуди прави дискриминација помеѓу фотографите кои работат во Франција и оние кои работат во странство.
ИФЈ особено го потенција фактот што надоместоците за авторски права се користат за исплата на последователно користење на авторските , додека платата која ја добива авторот ја покрива само првата употреба на делото. Пренос на правата без дополнителен надомест е спротивно на Меѓународната бернска конвенција од 1886 година која на авторите (вклучително и новинарите) им дава средство да го контролираат начинот на кој нивните дела може да се користат, од кого и во кои услови.
„Ги поттикнуваме нашите партнерски организации да бидат внимателни доколку нивните членови прашуваат за ваквите договори и да ги осудат ваквите договорни маскаради“, рече Филип Лерут.
ИФЈ со години води кампања против вакви договори кои лишуваат од права. Дополнителни информации се достапни тука.