БИХ: Измени на закон за пристап до информации, невладините протестираат

Датум

Граѓанските организации доставија барање до Министерството за правда на БиХ да го повлече од постапка преднацртот на Законот за слобода на пристап до информации бидејќи претставува закана по постојните права во областа на пристапот до информации и се коси со меѓународните стандарди.

Транспаренси интернешнал во Босна и Херцеговина заедно со група организации (Здружение на граѓани „Зашто не“, Центар за истражувачко новинарство, Центар за општествени истражувања – Аналитика, Центар за застапување на граѓанските интереси – Фондација ЦПИ, Здружение „БХ Новинари“ и Сараевски отворен центар) упати писмо до Министерството за правда на БиХ со барање да се повлече од постапка преднацртот на Законот за слобода на пристап до информации бидејќи неговото евентуално усвојување би ги загрозило медиумските и граѓанските слободи.

Во заедничката реакција се истакнува дека предложениот преднацрт наместо да ги унапредува постоечките, тој ги укинува веќе стекнатите права во областа на слободниот пристап до информации. ТИ во БиХ претходно ги испрати своите коментари и предлози до Министерството за правда, а некои од најспорните и остро критикувани решенија се однесуваат на следното:

• предложениот модел на проактивна транспарентност не ги вклучува сите потребни категории на информации и начините на нивно објавување онака како што е предвидено со стандардот за проактивна транспарентност;

  • тестот на јавниот интерес не е поставен како општо правило кое важи за сите исклучоци и ситуации, па на тој начин се укинува најзначајното постигнување на важечкиот Закон;
  • се воведува обврска за поднесителот на барањето за пристап до информации да ги наведе причините поради кои бара пристап до информации, со што најдиректно се загрозува правото на слобода на мислење и изразување;
  • предвидените исклучоци од примената на правилото за пристап до информации не се доволно јасно прецизирани;
  • новите рокови од дополнителни 15 дена за постапување по барање за пристап до информации во пракса би можеле да бидат лесно злоупотребени и ќе ја намалат ефикасноста на постапката за остварување на правото на пристап до информации.

Организациите на граѓанското општество предупредија дека предложените решенија се косат со меѓународните стандарди во врска со слободата на изразување и пристапот до информации дефинирани во Европската конвенција за човекови права и основни слободи и Универзалната декларација за човекови права, поради што го повикаа Министерството за правда на БиХ да го врати преднацртот на доработка и при новата изработка да се консултира со сите заинтересирани организации и јавноста, со посебно внимание на меѓународните препораки и почитувањето на меѓународните конвенции.

Останати
објави

Сподели на...